ВЕСТ НА ДЕНОТ: Џафери: Локалните избори ќе се распишат на 6 август
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите најави дека ќе ги распише локалните избори на 6 август. Првиот круг на изборите ќе се закаже за 17 октомври. Согласно роковите од Изборниот законик и Уставот, локалните избори се одржуваат во втората половина на октомври, а мандатот на локална власт е 4 години без можност за продолжување.
На брифингот, Џафери објасни дека оваа одлука не е последица на договор меѓу партиите, туку дека е донесена исклучиво врз основа на законските рокови, бидејќи токму во тој период им истекува мандатот на актуелните градоначалници.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Апсолутно ниту имам намера да бидам нервозен, ниту има потреба и вие да бидете нервозни. На тој пат поголема афирмација нашата земја никогаш немала. На патот на ЕУ и на патот на првата стратешка цел, членството во НАТО не добила нашата земја никогаш поголема афирмација и поголема поддршка во тоа што денеска го има. И ред е да се поклоните на тоа и да кажете „аферим“, на тоа што е направено, се друго е кабаетлук, провидност во политиките кој што се препознаени од граѓаните. Дали се, ќе увидиме на 17 октомври, еве доаѓа, затоа што и тоа има рефлексија на изборите иако се локални, еве ќе дојде времето и тоа ќе го покаже“, порача Заев.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОТПИС Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски го критикуваше Изборниот законик во сегашната форма, пред се поради двата проценти праг наменети за независни кандидати на престојните локални избори, кои треба да се одржат на 17 октомври. Пендаровски ги брифираше новинарите дека ставил поптис и на Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство, кој вчера со 57 гласови „за“, 32 „против“ и ниту еден „воздржан“ беше усвоен во Собранието.
МЕМОРАНДУМ Во присуство на премиерот Зоран Заев и заменик-претседателот на Фондацијата отворено општество (ФОО) Алекс Сорос денеска во Владата се потпишаа два меморандума поврзани со Стратрегијата за инклузија на Ромите. Првиот меморандум се однесува на соработка и промовирање на развојот на претприемништвото на Ромите во Северна Македонија и го потпишаа министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири и Петрика Дулгеру од Иницијативата за економските развој на Ромите – РЕДИ. Вториот меморандум е за соработка за спроведување на итни интервенции во поликлиниката „Шуто Оризари“ и го потпишаа министерот за здравство Венко Филипче, директорите на Здравствен дом-Скопје, Виктор Исјановски и Бесим Кока, и Елвис Шаќири од Ромалитико – Аваја.
ДЕЛЕГАЦИЈА НА ЕК Пред неколку дена, ЦИВИЛ Медиа упати прашања до Делегацијата на ЕК во Скопје за последното истражување „Балкан барометар 2021“ на Регионалниот совет за соработка, според кое поддршката за пристапување во ЕУ меѓу граѓаните во земјава која е намалена на 53, а во минатото била над 70 проценти. Во одговорот на канцеларијата на ЕУ во Скопје, се вели дека одложувањето на почетокот на преговорите несомнено е дел од причината за разочараноста на граѓаните.
КОАЛИЦИЈА Преку објава на официјалната Фејсбук страница, премиерот Зоран Заев најави дека партнерството со БЕСА ќе продолжи и на претстојните локални избори, споделувајќи фотографии од средба со лидерот на БЕСА, Билал Касами.
РАМКОВЕН ДОГОВОР Албанскиот јазик е еден од столбовите на Охридскиот договор, со употребата се добија многу полојални граѓани, истакна Артан Груби, на настанот на Агенцијата за примена на јазикот, на кој беа врачени сертификати на преведувачи на албански јазик кои работаат во државните институции.
ИНИЦИЈАТИВА: НАПРАВИ РАЗЛИКА, ПОЧИТУВАЈ ГИ РАЗЛИЧНОСТИТЕ
„Луѓето треба да ги научат разликите на другиот, за да се запознаат со аспектите на начинот на живот на другиот. Верувам дека со развојот на технологијата и социјалните мрежи луѓето имаат многу повеќе информации и за потеклото, за вредностите, за се што значи една групација или поединец.“, порачува архитектката и активистка Мерита Максути.
„Една градина со цвеќе кога е поубава, кога има иста боја жолто цвеќе, или кога се различни бои? Градината е убава со различни цветови, како и природата. Природата ни ги дава на нас сите закони, само треба да читаме од природата, она е отворена книга, она ги има сите различности, и тоа е богатството во таа природа, и ние сме дел од природата“, истакна писателот Наум Попески во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика: Почитувај ги различностите“.
ЦИВИЛ МОНИТОРИНГ
По изгласаниот Закон за државјанство, лавина од дезинформации и говор на омраза
Откако Собранието го изгласа Законот за државјанство, на интернет а особено на социјалните мрежи започна еден вид кампања, претежно со лажни вести и дезинформации, меѓутоа вешто филувани за да изгледаат како „досетки“. Но, таквите твитови/статуси и објави предизвикуваат говор на омраза кон албанската етничка заедница, но и против пратениците што го изгласаа законот, односно против владеачката коалиција СДСМ и ДУИ.
Д. Муратов