ВЕСТ НА ДЕНОТ
Според Индексот за демократија на ЕИУ за 2021, Северна Македонија не е повеќе во категоријата „хибридни режими“
Според мерката за демократија на EIU, помалку од половина (45,7%) од светското население сега живее во некаков вид демократија, што е значителен пад од 2020 година (49,4%). Уште помалку (6,4%) живеат во „целосна демократија“; ова ниво е малку намалено од 8,4% во 2020 година, откако две земји (Чиле и Шпанија) беа намалени на „неправилни демократии“. Значително повеќе од една третина од светското население (37,1%) живее под авторитарна власт, од кои голем дел се во Кина.
Имаше 13 промени од типот на режимот во 2021 година – девет негативни и четири позитивни. Чиле и Шпанија беа омаловажени од „целосни демократии“ на „неисправни демократии“. Три источноевропски земји – Молдавија, Црна Гора и Северна Македонија – го подобрија својот статус од „хибридни режими“ во „ демократии со недостатоци“
Кај Северна Македонија, која исто така премина во категоријата на „демократии со недостатоци“, е забележано скромно подобрување во функционирањето на владата. Во октомври 2021 година, земјата одржа конкурентни општински избори. Како одговор на поразот на неговата партија на изборите, премиерот и лидерот од владејачката партија Зоран Заев порача дека ќе ја преземе одговорноста и ќе се повлече од двете негови позиции. Довербата во политичките партии, која и понатаму е неверојатно ниска, маргинално се подобри во 2021 година споредено со 2020 година, според Балканскиот барометар, се вели во Извештајот.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Експлозивна изјава на рускиот генерал Ивашов – побара оставка од Путин, да му се суди за злосторства и за уништување на државата
„Денес, се разбира, многу зависи од Путин. И му треба некој нормален – јас не гледам нормални луѓе околу него – да дојде и да му каже: ‘Владимир Владимирович, последиците ќе бидат вакви, и Вам дефинитивно ќе Ви се суди, како што им се судеше на главните воени злосторници во Нирнбершкиот трибунал’. Не само за ова. А потоа ќе има судење и за урнатиот Боинг, загадувањето на екологијата на планетата и слично“ – изјави рускиот генерал-полковник Ивашов.
Генерал-полковник Леонид Ивашов, претседател на „Серуското офицерско собрание“, во интервју со водителот на радио станицата „Ехо Москва“ го објасни својот неодамнешен резонансен повик до рускиот претседател Владимир Путин да поднесе оставка.
Соговорникот на новинарите им нагласи дека не изразил лично мислење, туку „јавното мислење на ветераните од воената служба“, и советот на „Серуското офицерско собрание“. Според него, организацијата спровела анкета на пензионираните службеници, и повеќе од 70% од испитаниците го поддржале текстот на изјавата.
ФЛЕШ ВЕСТИ
МИНИМАЛНА ПЛАТА Собранието денеска едногласно со 101 глас „за“ го прифати предлогот на Владата по скратена постапка да бидат донесени измените на Законот за минимална плата. Предлог-измените, кои се резултат на договорот постигнат на Економско-социјалниот совет за зголемување на минималната плата и за новата методологија за усогласување на минималецот, треба да биде разгледани на матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика. Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, образложувајќи ја причината зошто законот треба да биде донесен по скратена постапка, рече дека не се работи за обемно законско решение. Предлог-законското решение, како што истакна, е во насока на заштита на семејниот буџет и подобрувањето на животниот стандард на работниците.
ИСТРАЖУВАЊЕ Во публикацијата со наслов „Со заедничко дејствување до поголемо почитување на правата на новинарите и на медиумските работници“ добиените резултати од истражувањето ја потврдуваат лошата социо-економска положба на новинарите и на медиумските работници, потребата од подобрувања во работничките права, синдикалното организирање и безбедноста, како и неопходноста од дополнителни мерки и активности за унапредување на родовата еднаквост во медиумите.
– Новинарите и медиумските работници се наоѓаат во исклучително неповолна социо-економска положба и половина од нив размислуваат да ја напуштат професијата.
ПРИВРЕМЕН ПРЕСТОЈ Заврши привремениот престој во Северна Македонија за нова група од 39 граѓани на Авганистан. Претпладнето од Меѓународниот аеродром Скопје заминаа за Канада којашто им обезбеди престој во здружената глобална акција за помош на авганистански цивили. Се работи за вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација „Отворено владино партнерство“ (Open Government Partnership – OGP) каде што Северна Македонија е официјално членка.
ДИЈАЛОГ Се интензивира дијалогот меѓу работните групи што беа договорени на крајот на јануари меѓу Северна Македонија и Бугарија, со цел враќање на довербата и надминување на разликите меѓу двете земји. Во Софија утре ќе се одржи состанок на работната група за инфраструктура, додека в петок е редовниот состанок на експертско ниво, согласно договорената динамика на билатерални преговори за т.н. пакет на политички прашања меѓу двете министерства за надворешни работи. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вчера изјави дека и од Скопје и од Софија зависи дали позитивната енергија ќе биде преточена во конструктивен дијалог
МЕДИУМИ Турското тело за следење на радиодифузијата им даде на три меѓународни новински агенции рок од 72 часа да добијат дозвола за работа или ќе им биде блокиран пристапот до нивните платформи, рече еден од нејзините членови во средата (9-ти февруари), пишува Еурактив.
Илхан Ташчи го критикуваше потегот на Врховниот совет за радио и телевизија (РТУК) да бара лиценци од веб-страниците на турски јазик на германскиот радиодифузер Дојче веле, Гласот на Америка и Еуроњуз, велејќи дека тоа означува дополнителен напад на слободата на медиумите во Турција.
ПОСЕТА Заменик-министерот за надворешни работи на Грција задолжен за економска дипломатија Костас Франкојанис попладнево ќе допатува во Скопје во дводневна работна посета на Северна Македонија и ќе одржи низа средби со министри од економскиот сектор, со заменик- министерката за надворешни работи, со вицепремиерите за економски и за европски прашања, како и со премиерот Димитар Ковачевски, јави дописничката на МИА од Атина. На агендата разговори на заменик- министерот со претставници на новоизбраната Влада на Северна Македонија ќе се најдат билатералните економски односи на двете земји и можностите за нивно проширување и зајакнување, соопштија од грчкото МНР во пресрет на посетата.
ПРАВДА Судењето за предметот „Топлик“ кој беше отворен од поранешното СЈО и се однесува на продажба на градежо земјиште за изградба на населбата Сончев Град во Сопиште. се одложува за 16 февруари поради отсуство на еден од обвинетите, кој е позитивен на КОВИД-19. Ова е уште еден случај на одложено рочиште поради Ковид позитивен, а во кое првообвинет е поранечниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.
На почетокот на денешното рочиште, каде, според највата, Обвинителството требаше да почне со давање на завршни зборови, судијата Осман Шабани информираше дека адвокатот Часлав Станоевиќ, бранител на обвинетиот Томе Ѓурчилов, на 8 февруари доставил поднесок со медицинска документација од болницата „Жан Митрев“, според кое судот утврдил дека обвинетиот поради инфекција со КОВИД-19 е спречен да присуствува на денешната главна расправа .
КРИЗА УКРАИНА Русија и Белорусија денеска започнаа заеднички воени вежби, што предизвика загриженост во западните земји дека Кремљ подготвува голема ескалација на конфликтот во Украина. Според соопштението на руското Министерство за одбрана вежбите ќе се фокусираат на „потиснување и одбивање надворешна агресија“. Од таму нагласија дека вежбите во Белорусија се планирани да траат до 20 февруари .На вежбите со Белорусија се очекува да учествуваат околу 30.000 војници. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги опиша заедничките вежби како сериозни, нагласувајќи дека Русија и Белорусија се соочуваат со закани без преседан.
СОЦИЈАЛНА ПРАВДА Има голем интерес кај граѓаните за користење на мерката за финансиска поддршка за покривање на дел од сметките за електрична енергија за домаќинствата со ниски примања. Бројот на пристигнати барања во архивата на Министерството за економија, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 6.500, а согласно предвидените буџетски средства за оваа намена која изнесува 60.000 денари, со финансиска поддршка можат да се стекнат околу 7.000 домаќинства, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој рече дека очекува денеска и утре до архивата на Министерството за економија да пристигнат уште околу 200 барања од барателите, кои заклучно со вчерашниот ден, преку пошта ги испратиле своите апликации. Бектеши заклучи дека мерката, најавена со кризната состојба со електричната енергија, е успешна реализирана.