Целта на спроведувањето на Планот за раст и Развој на заедничкиот регионален пазар е граѓаните да ги почувствуваат придобивките со социо-економскиот развој на регионот на патот кон ЕУ, се до полноправното членство на Северна Македонија, наведе на својата Фејсбук страница првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, кој присуствува на регионалниот состанок за европска интеграција во Тирана.
Информира дека во фокусот на регионалниот состанок во Тирана се соработката на земјите од Западен Балкан и спроведувањето на Планот за раст и развој на Заедничкиот регионален пазар.
-Определувањето на конкретни мерки и приоритетни акции за вклучувањето на економиите во единствениот пазар на ЕУ значат забрзана интеграција на Западен Балкан и значително зголемен социо-економски развој на регионот, напиша Маричиќ.
Додава дека поддршката и соработката со претставниците од Европската комисија, комесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, претставниците на меѓународните финансиски институции, нашите стратешки партнери и пријатели се дополнителна мотивација за имплементација на Планот за раст за Западен Балкан.
Лидерите на Западен Балкан денеска во Тирана се на самит посветен на европската интеграција на регионот и спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан.
На самитот присуствуваат премиерот на Северна Македонија, Талат Џафери, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кристо и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Како што јави агенцијата Бета, на самитот не се присутни лидерите на Црна Гора и Косово кои вчера учествуваа на Самитот Украина-Југоисточна Европа во Тирана. Албанската телевизија ABC News објави дека претставниците на Косово и Црна Гора нема да бидат физички присутни и дека косовскиот премиер Албин Курти испратил видео порака до собирот.
На самитот учествуваат и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.
Самитот е посветен на Планот за раст на Западен Балкан, кој предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра, од кои две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди се поволни заеми обезбедени од ЕУ. Целта е да се поттикне економскиот раст на регионот и да се забрза социоекономската хармонизација.
Планот, усвоен од Европската комисија во ноември, го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година и предвидува секоја влада од Западен Балкан да добива одредена сума пари на секои шест месеци, во зависност од реформите што ги има спроведено во тој период.