Атина Муграшанска, претседателка на Совет на Општина Куманово, беше учесничка на работилницата „Граѓанска повелба-Што има тука за мене?“.
„Граѓанската повелба, може и треба да претставува исклучително корисна платформа за севкупна соработка на сите чинители во општеството… Со ставањето на својот потпис за поддршка, не е само декларативна определба, туку сметам дека сериозно се обврзуваме да преземеме оптествена одговорност за исполнување на обврските што самата Граѓанска повелба ги сочинува… Сметам дека сè уште има простор за збогатување и подобрување на соработката меѓу сите сектори во општеството“, изјави Муграшанска за ЦИВИЛ Медиа, зборувајќи за значењето на Граѓанската повелба и колку таа може да придонесе за меѓусекторска соработка и партнерство.
Оваа работилница е подготовка за конференцијата посветена на Граѓанската повелба, предвидена за 28 март. Активностите поврзани со Граѓанската повелба ја поддржаа и градоначалникот Максим Димитриевски, како и советот на општината, неколку медиуми и граѓански организации од Куманово.
Проектот „Граѓанска повелба-Што има тука за мене“ е поддржан од Меѓународниот центар за граѓанско општество.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов