Американските и француските војници, кои се дел од борбената група на НАТО во Романија, одржаа воена вежба чија цел беше тестирање на одбраната на источното крило на Алијансата.
Заедничките борбени вежби на полигонот Капу Миди на брегот на Црното Море опфатија околу 350 членови на мултинационалните борбени групи кои вежбаа гаѓање со боева муниција од мобилниот ракетен систем ХИМАРС, произведен во САД.
Францускиот генерал Трикан де ла Гоут, кој ја предводи борбената група, во изјава за медиумите рече дека целта на вежбата е „да се зајакне заедничката способност“ во рамките на мултинационалната група во случај да се соочи со „вистинско одбранбено сценарио“.
Како одговор на руската инвазија на Украина во февруари минатата година, НАТО го зголеми своето присуство на источното крило на Европа, вклучително и испраќање дополнителни мултинационални борбени групи до членките на Алијансата – Романија, Унгарија, Бугарија и Словачка.
Фото: миа.мк