Oд утре, до крајот на овој месец, во седум градови низ Македонија ќе бидат прикажани четири филмови за деца, во рамките на проектот „Недела на детски филмови“, организиран од Асоцијацијата на филмски дистрибутери – АФИДИ од Битола.
Филмовите се наменети за деца од 4 до 14 години. Дел се синхронизирани на македонски и на албански јазик, а дел се со превод на македонски јазик.
Меѓу филмовите се „Малиот гангстер“ (Холандија) во режија на Арне Тонен (2016, синхронизиран на македонски и на албански јазик), „Детето фантом“ (Франција, Белгија) во режија на Жан-Луп Феличиоли и Алан Гањол (2015, синхронизиран на македонски и албански јазик), „Спасете го Рафи“ (Германија) во режија на Аренд Агте (2015, со превод на македонски и албански јазик) и „Авантурата на Нели“ (Германија) во режија на Доминик Весели (2016, со превод на македонски јазик).
Во рамките на проектот ќе се одржи и филмска работилница.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“.