ВЕСТ НА ДЕНОТ
Ковачевски: Не е време за избори, туку за справување со предизвиците
Премиерот Димиртар Ковачевски смета дека сега не е време за предвремени парламентарни избори, туку е време за справување со здравствената и енергетската криза, и за развој на економијата. Избори ќе има, вели, ама редовни, во 2024 година, до кога сите политички партии имаат време да постигнат консензус за укинувањето на „пржинската влада“, пренесува МИА.
-Во однос на прашањата што беа отворени во изминатиот период доминантно од опозицијата, ние како партија и јас како претседател на СДСМ и претседател на Владата веќе дадовме став дека во моментов државата се соочува со неколку големи предизвици, а тоа е прво справувањето со здравствената криза, справувањето со енергетската криза. Имавме и справување со топлинската криза во Градот Скопје, а исто така имаме и отворен процес, активен, на разговори со нашиот сосед со Република Бугарија а со цел одржување на прва меѓувладина конференција на Република Северна Македонија со ЕУ. Оттаму сметаме дека оние прашања коишто не се во насока на исправување со најголемите предизвици само претставуваат дефокусирање од оние проблеми коишто се најважни да се решат за нашите граѓани, изјави Ковачевски во одговор на новинарско прашање.
Според него, самото барање на опозицијата за укинување на „пржинската влада“ потврдува дека во државата има демократски амбиент, каков немало во времето кога е воведена таа влада, што, како што истакна, значи дека во тоа време имало заробена држава во која администрацијата и државниот апарат биле користени во партиски изборни цели.
ТЕМА НА ДЕНОТ
Макрон во Москва – Во потрага по рамнотежа меѓу големите сили
Францускиот претседател Емануел Макрон отпатува за Москва, а потоа ќе го посети и Киев откако претходно имал консултации за оваа турнеја со американскиот претседател Џо Бајден, а германскиот канцелар Олаф Шулц треба да патува за Вашингтон. Дали е ова почеток на крајот на руско украинската криза, откако минатата недела Путин му испрати на Бајден пишан одговор како во иднина ја замислува безбедносната слика на Европа и на Русија. Пред да се качи во авион, Емануел Македон претходно имаше скоро едночасовен разговор со американскиот претседател Џо Бајден за да ги координираат ставовите воочи неговата посета на Москва. Станало збор за интензивни дипломатски напори да се одврати Русија од понатамошното натрупување на трупите долж украинската граница. Заедничката констатација е дека и Макрон и Бајден ја потврдиле непоколебливата поддршка на Сојузниците да се сочува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Воочи пристигнување на Макрон во Москва портпаролот на Кремљ рекол дека средбата е всушност континуитет и продолжеток на нивните претходни телефонски разговори. Централната тема на средбата ќе бидат всушност безбедносните гаранции кои ги побрала Москва.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Министерството за правда ја информира јавноста дека формулацијата во однос на предлог-законот, каде за навреда се одговара и за „негативно мислење“, е грешна формулација за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа. Министерството за правда целосно ги поддржува новинарските слободи и права и сите закони ги носи заедно со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање, велат оттаму за Вистиномер.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СОЦИЈАЛНА ПРАВДА Стопанската комора на Северна Македонија на прес конференција информираше за преземените активностите за изнаоѓање подобри решенија за примена на “недела-неработен ден“, откако на седница на УО на Комората одржана на 21.1.2022 година одлучи дека на 18 февруари 2022 година, на денот на 100-годишнината на Комората, ќе ги повлече иницијативите пред Уставниот суд на РСМ во врска со законското решение за „недела – неработен ден“ доколку во периодот што претстои се најдат сеопфатни решенија за проблемите со кои се соочуваат компаниите околу спроведувањето на Законот.
МТСП Во денешното интервју за телевизија 24, министерката Тренчевска вели дека барањето на Сојузот на синдикати кое го поддржуваат и другите синдикати е реално бидејќи е согласно трошоците на живот и потрошувачката кошничка.
ДИПЛОМАТИЈА САД заедно со сојузниците и партнерите, ќе ѝ помогнат на Украина да се брани од понатамошна руска агресија, вели американската амбасадорка во Скопје Кејт Брнз во нејзиниот коментар за состојбата со Русија и Украина, којшто денеска е објавен на веб-страницата на Амбасадата на САД во Северна Македонија.
УКРАИНА-РУСИЈА Пензионираниот генерал-полковник Леонид Ивашов, познат по своите просоветски и национал-патриотски ставови, во својство на претседавач на „Серуското офицерско собрание“, издаде обраќање против војната на Русија со Украина. Во подготовка на таква војна тој ги обвини руското раководство и претседателот Владимир Путин, кого го повика да поднесе оставка.
СОРАБОТКА Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска остварила средба со амбасадорката на СР Германија во Северна Македонија, Анке Холштајн, на која се разговарало за билатералната одбранбена соработка, како и за геополитичките предизвици на европскиот континент.
ИНТЕГРАЦИИ Наместо да биде лидер на европската интеграција на Северна Македонија, Бугарија нема интерес да ја обиколи соседната држава со нов Берлински ѕид, вели во изјава за „Еурактив“ бугарскиот професор Иво Инџов, експерт за политички комуникации, пренесува информативната агенција МИА.
ДЕЗИНФОРМАЦИИ Веста која е објавена на социјалните мрежи и која брзо се прошири, не е точна. Видеоснимките од безбедносни камери кои се прикажуваат не се од простории на министерството, соопшти Министерството за образование и наука откако на социјалните мрежи се појавија информации дека грчка хакерска група го пробила компјутерскиот систем на МОН и ја презело контролата врз надгледните камери и интернет-страницата, пренесува МИА.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио – интервју на Зоран Иванов со Ердем Ахмет, новинар и економист, професионалец и волонтер, активист во македонската новинарска заедница, прв Претседател на Здружението за развој на медиумите на турски јазик. Тој зборува за неговиот Чаир, новинарството денес, медиумската слобода и преслободниот интернет, политичките состојби кај нас, актуелна турската демократија, за фотографијата како личен предизвик и за уште по нешто.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Целата оваа актуелна драма со Бугариве низ која поминуваме на домашнава политичка сцена почнува многу да заличува на реприза на она низ што поминувавме како општество пред некоја година со Грците. Истите добронамерни и загрижени предупредувања, но и плачливи националистички петиции, патетични колумни, „сечења вени“ по телевизиски дебати, плукачки партиски прес-конференции и уа-свиркања по политичари на јавни настани, изјави и деманти, „прогресивци“ и „предавници“, ЕУ-курва, јазикот, идентитетот, името, нацијата, иднината на децата… Повторно фонтана од емоции поголема и повисока од онаа пред „Цезар Палас“ во Лас Вегас кога е најраспрскана“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Војна на икебаните за Гоце“.
„Не е ни чудо што луѓето станаа лесни жртви на црната пропаганда. Никогаш порано не било поедноставно да се навлечат луѓето на црнила и параноја. Луѓето се исплашени и недоверливи, а и не сакаат да мислат. Како да се одвоени од себеси.
Затоа, не е тешко да се „регрутираат“ за да ја играат улогата на безимени и бесплатни курири на незнаењето и деструкцијата. Своевремено, советската пропаганда (веројатно Ленин) ги нарече „корисни идиоти“, пишува Џабир Дерала во колумната „Ослободени од незнаењето“.
„Западните земји треба за цел да имаат две работи, како прво, да ја обезбедат Украина, за да не се чувствува принудена да преземе непромислени мерки на претпазливост, како што се случи со Грузија во 2008, и како второ, да покажат поголема политичка поддршка за Украина, и по дипломатски пат да се дојде до решение за создадената состојба по последните случувања во Источна Европа, без притоа да охрабруваат нереални очекувања“, пишува Сафит Зеќири во колумната „Украина на раскрсница меѓу Русија и Западот“.
„Но драг мој поранешен пријателе, редно е, како помлад човек, да знаеш дека јас среќата никогаш не ја барав од тебе или од медиумот во кој сега си вработен. Мојата среќа и радост досега ниту ти, ниту твојот медиум ми ја дал, ниту пак ми ќе ми ја земе. Замислете, еден професор Кекеновски се „дрзнал“ да се насмее (или да биде интересен) малку на туѓа сметка и на „желбата и спремноста некој да се побугарчи“ и притоа несвесно и не сакајќи длабоко го навредил чувствата на уредников кој, ете, ќе ме казнел со тоа што ќе ми посочи каде да си ја барам мојата среќа во иднина. Додека е тој е уредник за мене таму среќа нема. Аууу, ептен страшна работа. Брејј, брејјјј, што мака ми стори. По цели денови му се думам што ќе се прави и кое чаре ќе се бара сега и во иднина? Ок уредниче, нема проблем. Како ти ќе кажеш, така ќе биде. Ти си сега во моментов „голема“ фаца и фактор. Поголем и посилен си дури и од сопственикот на медиумот. Меѓутоа, како млад човек, редно е во животот да ја слушнеш, но и да се обидеш убаво да ја разбереш онаа црногорска народна поговорка: „Ни једна никоме није горјeла до зоре“, пишува Јове Кекеновски во колумната „Тиквата е тиква (Славе Биљбиљ и печената тиква на Менка)“.
Д. Муратов