Метју Нимиц, посредникот на Обединетите нации (ОН) во преговорите помеѓу Македонија и Грција за спорот со името, в среда ќе дојде во Скопје од Атина, каде, пак, пристигнува денеска.
Нимиц доаѓа во посета на двете земји по лидерската средба во Македонија во саботата, во која учествуваа претседателот Ѓорге Иванов со двајца претставници на неговиот кабинет, премиерот Зоран Заев со министрите за одбрана и за надворешни работи, Радмила Шекеринска и Никола Димитров, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со Владо Мисајловски и Александар Николовски и претседателот на ДУИ, Али Ахмети заедно со потпретседателите Бујар Османи и Хазби Лика.
По петчасовната лидерска средба, премиерот Заев изјави дека е оптимист во поглед на доаѓање до национален консензус за решението на спорот за името. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, порача дека одговорноста сега е во рацете на Владата, но и оти партијата смета дека спорот треба да биде решен, а при тоа да се заштитат државните и националните интереси.
Заев во средата на Светскиот економски форум во Давос се сретна со грчкиот премиер Алексис Ципрас, при што се разговарало за спорот за името. Ципрас во петокот и саботата имаше серија средби со државно-политичкиот врв на Грција за координирање на позицијата за прашањето за името, при што по нивното завршување излезе со заклучок дека се обврзува во следниот период со патриотска одговорност да се стреми кон заемно прифатливо решение.
извор: МЕТА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.