Меѓу Република Македонија и Република Косово се отвораат големи можности за унапредување на соработката, зашто двете држави немаат отворени билатерални прашања. Ова е констатирано на денешната средба на премиерот Зоран Заев со косовскиот министер за надворешни работи, Беџет Пацоли. На средбата, меѓу другото, е разговарано и за интензивирање на соработката во конректни области: економија, енергетика, инфраструктура, царински олеснувања, поедноставен проток на луѓе и стоки…
Договорено е владите на двете земји да ги поттикнат бизнис заедниците и коморите за поцврста и поактивна соработка, како и реализација на почести средби на високо ниво, меѓу птретсатвниците на двете влади.
„Посветени сме, како Влада, да го подобриме квалитетот на живот на нашите граѓани и да ги отвориме евроатлантските перспективи. Ќе ги преземеме сите потребни чекори за остварување на граѓанските и државните цели“, акцентираше премиерот Заев.
Министерот Пацоли рече дека Република Косово ги поддржува НАТО интеграциите на Република Македонија, што ќе придонесат кон зацврстување на безбедноста и ќе влијаат врз перспективите за целиот регион.
На средбата премиерот Заев беше придружуван од македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски. А, дел од косовската Владина делегација, што ја предводеше шефот на дипломатијата Пацоли, беше и амбасадорот на Република Косово, во Република Македонија, Илбер Хиса.
М.Т.