И власта и опозицијата во соседна Србија во последно време говорат за македонско сценарио како дел од можната разрешница после повеќегодишната политичка криза во таа земја. Говори ли тоа нешто добро за нас, нешто како да сме „најдобар ученик“ во балканското одделение или има негативен контекст за нешто што има „македонско“ како атрибут?
Како воопшто станавме „рефрен“ во туѓа стварност за нешто во што немаме никакви придонес, бидејќи, сите можни влијанија во домашниот политички пејзаж најчесто биле еднонасочни и доаѓале главно од север.
Како станавме интересни за сите актери што се појавуваат во вестите и на насловните страници на весниците во Белград? Може ли да се објасни тој феномен кој главно бил порано присутен во двете соседни земји истовремено само пред гласање за избор на песната на Евросонг? Дури и како усогласено прифатено сценарио.
Опозицијата кај соседот во нас гледа опција за спас на демократијата
Да не ја должиме со прашалниците. Српската опозиција и малку поназад во времето го споменуваше „македонското сценарио“ како можна копија на т.н. пржински преговори што потоа доведоа до постоење на влада која во себе ги имаше и позицијата и опозицијата, како привремена контрола на следните парламентарни избори.
И спротивно на тоа, сентенците на претседателот Александар Вучиќ и неговиот тим за сценариото со исто име деновиве подиректно од било кога се врза за терминот „шарена револуција“ која довела, според претседателот на Србија, до промена на власта кај нас во 2016 година и која тој нема да ја дозволи. Бидејќи, тој добро знае дека таа „обоена“ појава се случува кога за тоа постојат, пред сѐ, внатрешни поводи.
Такви поводи, секако, кај него ги има во изобилство, како неброените чаши испиено вино на Саемот што традиционално се одвива во Белград и има за цел дегустација на „божјиот нектар“.
Драма во три чина
Но, да појдеме по ред. Опозицијата во Србија подолго време го споменува македонското сценарио како формула за спас на земјата од континуираните расцепи на националното ткиво, насилства, протести и контра-протести, апсења и затворања на прогресивната интелигенција, обвинувања за лажирани политички избори, укажувања на увезени гласачи…
На што се мисли поконкретно? Да појдеме од едно големо интервју што професорот од Факултетот за политички науки во Белград, Филип Ејдус, го даде за неделникот Радар минатиот четврток под наслов „Власта нѐ води кон белоруско сценарио“.
Ејдус е еден од иницијаторите на ПроГлас, и тој актуелната политичка криза во Србија ја гледа како драма во три чина. По крајно спорните избори во декември минатата година, односно во јуни оваа година, режимот падна во криза на легитимитетот и репрезентативноста. Прибегна кон сериозни нарушувања на интегритетот на изборниот процес за да опстане, а опозицијата, за која гласале повеќе од милион гласачи, не контролира ниту еден град или општина.
Вториот чин се рефлектира во кризата на довербата, која беше предизвикана од летното обновување на проектот Јадар, што претходно беше симнат од дневниот ред. Граѓаните тогаш сфатија дека властите не стојат на зборот даден пред граѓаните и дека не може да им се верува. Власта го злоупотреби Уставниот суд за да ја прогласи претходната одлука за укинување на проектот за неуставна и решија да го протуркаат проектот, вели професорот за проектот кој огромното мнозинство граѓани не го поддржуваат, вклучително и многу гласачи на владејачката СНС.
Следеа можеби најмасовните протести во српската понова историја, кои беа симултани, се проширија низ делови од Србија каде што ретко или никогаш нема протести и беа – спонтани.
Конечно, третиот чин се случи со падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, но и со мобилизацијата за проектите поврзани со зградата на Генералштабот и Стариот Савски Мост… се работи за кризата на централниот наратив, тврди Ејдус, на владејачкиот режим, оној на златното доба и трајната градба. Нови Сад ја покажува другата страна на тој наратив, имено дека нивните градежни проекти буквално убиваат луѓе. „Србија сега е на пресекот на тие кризи“, вели Ејдус за неделникот Радар или поранешниот НИН.
Каде е излезот?
„Оптималниот излез прво би бил договор за решавање на кризата, потоа преодна влада составена од членови на владејачката коалиција и претставници на опозицијата, приближно на начинот на кој тоа беше направено во Северна Македонија, и која ќе се потруди да обезбеди следните предвремени избори да бидат слободни и фер. Тоа консензуално сценарио е подобро за Србија, но е помалку веројатно, бидејќи се чини дека овој режим останувањето на власт го доживува како прашање на живот и смрт. Затоа се плашам дека ќе одиме кон натамошни турбуленции и кон неодлучно разрешување на кризата. Во тоа понеповолно сценарио, или режимот ќе оди во тотална автократија како онаа што постои во Белорусија и ќе ја скрши опозицијата и граѓанското општество, или ќе се урне под заеднички притисок на граѓанска мобилизација и пукање под сопствената тежина, по следните наместени избори и негирање на меѓународната поддршка. Искрено се надевам дека ќе има причина да се реши политичката криза преку мирен договор“.
Кобната декемвриска оценка на Брисел
Тука би додале дека привидот за меѓународна поддршка за Вучиќ, во која тој долго уживаше како на премолчено одобрување за неговата политика, се распадна овие денови кога се гласаше во Брисел дали Србија да продолжи со преговорите за влез во Унијата преку отворање на т.н. трет кластер.
Амбасадорите на земјите-членки сметаат дека Србија не го минала и првиот кластер (оној за почитување на правото и основните слободи) па и покрај литиумот кој како тема ја омекнал Германија, која гласала за продолжување на преговорите со Србија, обидот не успеал.
Против биле осум земји: очекувано – Холандија, потоа нордиските земји – Шведска и Финска, трите балтички држави и две балкански земји, сосетките – Хрватска и Бугарија. Сосема е веројатно дека Србија на овој план на одоброволување на Унијата за обновување на преговорите ќе мора да чека најмалку една година, ама како што тргнале работите во актуелната пресметката со демонстрантите, јасно е дека дури и следниот декември ќе биде оној датум кога Вучиќ, како и нашиот Мицковски, „ќе ја уценува“ Унијата во стилот – или да преговараме или ќе нѐ немате во друштвото!
Белградско владино гледање на македонското сценарио
Понатамошното приврзување кон Кремљ, забележливо како што се стеснува политичкиот простор околу претседателската палата во Белград и јакнење на влијанието на Вулин, преку кого, руската политика ја дава инфузијата во раката на Вучиќ, ја врати реториката за „шарената револуција“.
Истата, да се потсетиме, е руски одговор на немирите во Кијив во 2014 година, кога Виктор Јанукович беше симнат од позицијата на актуелен украински, но проруски и антиевропски претседател. Во таа мешаница пред 10 години, најголема добивка имаше Путин, кој просто си направи анексија на полуостровот Крим, ама и на голем дел од Запорижја, што се сметаат за „одродени“ територии, населени наводно само со етничко руско население при неизвршен попис. Тоа беше непречена окупација под закрила на спомената реторика. По „Шарената револуција“ уследи незапирлив продор на неговите тенкови на туѓа територија и тоа без прогресивната јавност во светот да мрдне со прстот, како во времето на Минхенската спогодба од 1938 година меѓу Невил Чембрлен и Хитлер. Овој пат, таа окупација ги даде за резултат договорите Минск 1 и 2. Но како и Хитлер тогаш, и сега на Путин не му беше доволна таа огромна територијална придобивка и тој чкрташе со забите на секое споменување на „обоените“ протести во светот.
Во основа, со тој вокабулар во третманот на светските собитија започна преминот на Путин од хибридна демократија во режим, се олесни воведувањето на имитаторско владеење на Лукашенко во Белорусија (споменато како опасност од погоре споменатиот професор Ејдус), а јасно е дека станува употреблив лост кон власт на цврстата рака во сите земји со дефицит на елементарна демократија!
Вучиќ, кој го одбегнуваше споменувањето на „шарената револуција“ по нормализирање на односите со Македонија во времето на Заев и Ковачевски како премиери, се почувствува сигурен дека во Скопје „дојдоа неговите“ и се врати на старата лексика. Јасно, за тоа имаше важни внатрешни мотиви.
Српскиот претседател Вучиќ изјави дека во Србија нема да се повтори „македонското сценарио“ по протестот во Нови Сад, каде што Плоштадот на слободата беше обоен во црвено. Протестот беше организиран во знак на сеќавање на железничката несреќа во која загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
Вучиќ го спореди овој протест со „шарената револуција“ во Македонија, потсетувајќи на сличните сцени од 2015 година, кога Плоштадот Македонија во Скопје беше обоен во црвено од демонстрантите, како дел од протестите по повод убиството на Мартин Нешковски од јуни 2011 година.
„Гледате копија од оној протест во Скопје, каде што беа обоени плочките во црвено. Газдата и спонзорот се исти, а жртви се народите“, изјави Вучиќ, додавајќи дека такво нешто нема да се случи во Србија.
Оваа изјава со повеќе детали ја досоли споменатиот Вулин, офицерот за врска со Русија, што може да се види во прилогот на белградска Политика.
„Македонците ги фарбаа плоштадите поради некоја своја причина. Беа копирани и моделите од Белорусија и Хонг Конг. Тоа е учебнички пример за обоена револуција“, се цитира изјавата на Вулин на ТВ Б92.
Тој смета дека опозицијата не излегла со тоа по свој избор, туку дека биле обучени и прецизно инструирани од „оние кои правеа обоени револуции низ целиот свет. Опозицијата на НАТО во Србија не сака аргументирана дебата во собранието или разговор како нешто да се подобри, туку преку насилство и улица да дојде на власт, а во Нови Сад само покажаа што би направиле ако, не дај Боже, доаѓаат на власт“, рече Вулин, добитникот на бројни руски ордени, некои ставени лично на реверот од страна на Путин.
Тој посочи и дека во секој учебник за обоените револуции јасно се кажува дека „ако си малцинство, мора да бидеш многу агресивен“.
„И бидејќи не можете да соберете голем број поддржувачи во исто време и на едно место, треба да направите многу мали настани во исто време кои треба да зрачат со голема агресија и на овој начин да се обидете да покажете како целата општеството е во распаѓање, страшен притисок, иако се само неколку стотици луѓе“, наведува Вулин.
Непријатни асоцијации на скопските протести против Груевски
Токму акцентот на владиниот одговор во Белград и Нови Сад е секако во постојано повторување на она „малку народ“. Го говори тоа и претседателката на Парламентот, Брнабиќ, ама немаше релевантен одговор зошто на зградата каде што е нејзиниот кабинет се поставуваат специјалци со снајпери, на пример. Или од каде Вучиќ најде дека се избројани само 650 демонстранти на денот кога само студентите во Белград заземаа 13 факултети, а тој процес го зафати и вториот град по големина, Ниш!
Бидејќи сме подрачје каде работите заради некоја внатрешна динамика и поблиското минато се забораваат, да кажеме дека тезата за македонско сценарио во Србија беше актуелно и во текот на 2017 година, кога власта требаше да ја преземе коалицијата СДСМ – ДУИ, но беше опструирана со сите инструменти на тогашниот голем идеолошки пријател на Вучиќ – Груевски.
На пример нашиот колега Немања Руејвиќ, дописник на Дојче Веле ќе забележи во тоа време – „како ќе си замине Вучиќ кога ќе му дојде време? Смирено, со честитки до победникот? Гласно, со засилени ескапади за предавниците што ја враќаат земјата во темните 2000-ти? Насилно, со предизвикан ’народен гнев’? Со крв? Според негово признание, канцеларот може да гледа телевизија само во ситните часови поради неговата тешка работа. Што гледа таму? Ако успее да се избегне во репризи на прес-конференции и мелодраматични посети на Миломир Мариќ (водителот на Хепи тв – н.з), можеби ќе фати неколку извештаи од Македонија. Таму би видел копија од себе, исто толку непобедливиот Груевски како ја губи власта по десет години, додека неговите т.н. традиционалните коалициски партнери бегаат како стаорци од Титаник. На бившиот лидер му остануваат само неколку добро воспитани билдери и добро воспитани пензионери со крвави очи да го одглумат гневот на народот“).
Споменатиот и доста поголем текст инаку има индикативен наслов „Македонско сценарио во режија на Вучиќ“. Практично, авторот не споменува ниту ЦИА, ниту ФБИ, како креатори за промената во Скопје, туку го товари со сомнеж за крвавите настани од 27 април 2017 година токму српскиот претседател.
Гледање во кристалната топка на предвидливите политички настани
Некој би прашал – зошто таков наслов? Па затоа што излегува дека српскиот политички врв, веќе пет години на таа позиција се гледал како и тој ќе биде победен од народниот гнев. „Вучиќ … би зјапал во телевизорот како да гледа во кристалната топка на гатачка која му ја предвидува иднината, но не знае колку е блиску или далеку. Сам во карирани пижами и куќни влечки, тогаш би се соочил со доказот дека сета власт е минлива, дека вчерашната триумфално стегната тупаница одеднаш се претвора во канџа што ја чеша внатрешноста на ковчегот во кој се положени мртвите политичари. Тогаш го чека краток и немирен сон. Не затоа што има силна опозиција, туку заради мислата дека ниту една власт не е предолга“.
И поранешниот премиер на Србија, Зоран Живковиќ кој ја водеше владата во Белград после убиството на Ѓинѓиќ, смета дека за Вучиќ не е пријатна секоја споредба со падот на Груевски во Македонија, изречена во една дебата токму на темата „Зошто Вучиќ се плаши од македонското сценарио?“.
„Најчудно е што големата поддршка на Србија за Груевски почна кога веќе беше јасно дека тој ги губи изборите. На Вучиќ и на неговите партнери им е жал што во Македонија дојде до промена на власта бидејќи владата на Груевски беше слична на оваа власт во Србија. Тоа е авторитарен популизам, каде што се создаваат митови, каде што секојдневно се лажат и манипулираат бројките за бројот на вработени и економскиот раст. Во Србија денеска се кажуваат лаги, како што беа во Македонија во времето на Груевски“.
Да, секако, од тогаш има и спротивни промени во нашата земја. Во право се оние кои ќе тврдат дека по ова потсетување на смената од 2017 година, а после седум години оттогаш, оние кои наводно ги донесе Западот и неговите „обоени револуции“ си заминаа во опозиција.
Точно, ама имаа седум години пред себе за да направат промени и да сторат џиновски чекори кои се многу ретки, не само во последните десетлетија, туку и во многу подолг период, да не речеме по речиси 80 години! Беше опробан вистински плурализам, се спречуваа многу обиди за преземање на власта преку копирање на „шарената револуција“ ама со пароли што дигестивниот апарат на слушателите тешко ги примаше. Се преброди светската здравствена криза што траеше три години (2019 – 2022), се надминуваше енергетската криза која уследи после стартот на војната во Украина, како кризата на економски план карактеристична со инфлација која беше планетарна. Се спасија при тоа работните места, работниците земаа плата, а пензионерите пензии.
Земјата влезе во НАТО, а со тоа доби и сигурни граници за прв пат после осамостојувањето од 1990-тите. Таа власт ја отстрани големата железна завеса околу преговорите со Унијата за полноправно членство, чекор напред кој сега вмровската власт ја претвори во одење во празно преку измислени приказни што нѐ водат назад, а можеби и во комплетна ерозија на општеството.
Ние сите сега одиме по патека на која има вжештени јагленчиња и се правиме дека тоа, нели, не боли. Ќе издржиме нели…
Кога не се учи од историјата, имаме и парадокси
Впрочем, за да ја видите разликата меѓу она тогаш (после летото 2017 година) и ова сега (после мај 2024 година), доволно е да се опсервира начинот на примопредавањето на власта после изборите. За тоа не треба многу концентрација. Погледнете ја промената на власта годинава, како и претходно кај смената по локалните избори во 2021 година и споредете го тоа достоинство кај поразените со она препелкање за примопредавањето преку кабинетот на претседателот Иванов, потоа со обидот за пуч, крвавите настани од април 2017 година…
Во ова што денес се случува, можеме да говориме за своевиден парадокс. Место за македонско, можеме да говориме кај нас за „српско сценарио“, односно копирање на моделот на кој Александар Вучиќ и неговите партиски пријатели се обидуваат да седат на една парадна клацкалица и да мислат дека водат успешна политика, уназадувајќи ја сопствената земја. Еве уште еден цитат од текстот во Дојче Веле:
„Како, со други зборови, европските партнери ги реализираат европските вредности и владеењето на правото токму кога балканскиот демократор, кого тие сесрдно го поддржуваа, станува исчадено луле. На тоа мислеше и стомакозборецот Вучиќ, а еве како, освен на премиерот Вучевиќ, неодамна им дозволи на партиските трабанти да плукаат по Европската Унија како превентивна мерка. Еве го добриот пратеник Ѓукановиќ (не треба да се меша со црногроскиот политичар – н.з.) каде на Твитер отворено признава дека сликата за пријателство со Брисел е само лага за медиумите: ‘Во пракса се знае кои се и што се’. Плус тие плаќаат за нашето уривање.“
Сметате дека ова се разликува од она што актуелните приправници на врвот на нашата држава го прават во практиката? Нивниот речник и она што го говорат постојано на нивните телевизии (практично сите!) по дебатите, а за кафеанските тиради да не ги споменуваме? Суштински нема разлика. На пример, во однос на Вучиќ и неговиот императивен став кон правосудството со оваа поза на Мицковски и неговата „бруталност“.
Деновиве, еден пратеник од опозицијата во Нови Сад беше уапсен (сам се предаде!), да го земеме за пример, згора и професор на ФПН (!) за кој обвинителот предложи притвор од 30 дена, а камерите забележаа како една од главните осомничени за трагедијата на железничката станица во Нови Сад, в.д. генералната директорка на Српските железници, Јелена Танасковиќ си доаѓа да се пријави во судот од дома, да не речеме во папучи.
Кај нас, Мицковски најавува „свртување на листот во понеделник“ кон обвинителството (втората власт се заканува кон третата) со молчење на шефицата на државата како чувар на уставниот поредок (!), како во времето кога Иванов беше станар на вилата на Водно. И навистина, во понеделникот имаме оставка на претседателката на Судскиот совет! Таа јавно проговори за притисокот врз неа. Класична имитација и во Белград и тука во преземањето на партиската контрола и врз сите оние институции кои мораат да останат непартиски! Има ли разлика меѓу Белград и Скопје? Нема. Како и уште во десетина други суштински примери за мерење на степенот на демократијата.
Тука е плус и нашето завртување на надворешен план кон релацијата Унгарија – Србија – грчки пристаништа – Пекинг за да сфатиме, можеби доцна, дека се прави целосна пресвртница за еден ден и нам да ни испорачаат од Брисел дека нашата кандидатура за влез во Унијата не е во прашање заради наводната бугарска опструкција, туку заради наше играње во српското оро. Она де, кое е полно со импровизации, кога не знаеш – одиш ли напред или се враќаш назад.
Специјално за ЦивилМедиа.