Политичката криза во Македонија е причина за одлагање на расправата во Европскиот парламент и за гласањето на Резолуцијата за напредокот на Македонија.
Одлуката за одложување беше најавена како можност уште минатата недела. Денеска, и официјално, европратениците одлучија да го одложат гласањето најмалку до идниот месец, поради продолжената политичка криза во земјата.
Европратеникот Иво Вајгл на брифингот за печатот, пред почетокот на пленарната сесија во Стразбур, даде појаснување за причините за одлагање на расправата.
„Одложувањето на расправата и гласањето е поради ситуацијата која владее во Македонија. Одлучено е да се почека и да се види што ќе се случи. И во функција на начинот на кој нештата се одвиваат во земјата, тогаш известувачот ќе утврди нов датум за усвојување на извештајот на пленарна сесија“, изјави Вајгл кој е портпарол на групата на либералите.
Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, во прeдложената резолуција за која требаше да се расправа во Стразбур, претходно на Македонија ѝ ја даде осмата препорака за отворање на преговорите за членство во Европската унија.
Сепак, условот за целосно исполнување на договорот од Пржино и на итните реформски приоритети на Европската комисија, остануваат како приоритет за ЕК.
За да биде полноважечка, резолуцијата мора да биде изгласана од сите 751 пратеник.
Резолуцијата нема правно дејство, туку само советодавно им служи на ЕУ-институциите и на земјите-членки на Унијата.