НВО Инфоцентарот и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, денеска, со почеток во 12 часот, во хотел Глигоров, во Струмица, ќе организираат презентација со дискусија на тема „Омбудсманот – меѓу граѓаните и институциите“.
На настанот ќе бидат презентирани наодите од мониторингот на работата на Народниот правобранител и од фокус-групите организирани со новинари и граѓански активисти од Струмица, Штип, Битола, Тетово и Скопје.
Говорници ќе бидат: Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентар, Гордана Дувњак, новинарка, Иџет Мемети, народен правобранител и Славчо Тимов, заменик – народен правобранител во Регионалната канцеларија во Струмица.
Во рамки на презентацијата ќе има и дискусија за тоа дали и како Омбудсманот ги штити граѓаните и нивните права пред државните институции, дали граѓаните го препознаваат Омбудсманот како свој заштитник, дали државните институции постапуваат според укажувањата на Омбудсманот и дали Омбудсманот има репутација на силна, авторитетна и независна институција во јавноста?
Настанот се реализира во рамки на проектот „Граѓански мониторинг на Народниот правобранител“, поддржан од Амбасадата на САД во Македонија.