Обединетата македонска дијаспора (ОМД), како една од организациите на непартиското глобално движење „#НиеСмеМакедонија“, го осудува чинот на палење национални симболи и слики од политички субјекти на протестите на 3 и 4 март во дијаспората, без разлика на мотивите и намерите на чинителите.
– ОМД, како и другите организации предводници на движењето „#НиеСмеМакедонија“, повеќекратно повикаа на мирен и демократски протест со цел зачувување на уставното име, јазик и идентитет, се наведува во соопштението на ОМД.
ОМД и движењето „#НиеСмеМакедонија“, се оградуваат од одговорност на чинители кои, како што наведуваат, „своеволно отстапија од демократските вредности и етика, со палење на национални симболи и слики од политички субјекти“.
– Имајќи предвид дека над 100.000 Македонци го изразија своето право на протест на 16 локации ширум светот, масовност која е комплексно да се контролира и покрај многубројните повици за мирно протестирање како начин на искористување на демократското право на поединецот, без разлика дали истиот е или не е член на ОМД или друго формално здружение, ОМД повикува на одговорност од страна на физичките лица кои стојат зад срамниот чин, и воедно најстрого го осудува самоволието со кое го загрозија јавниот ред, мир и демократско уредување, наведува организацијата.
ОМД додава дека останува верен партнер на Македонија којшто делува непартиски и демократски.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.