Граѓанските организации се важна алатка не само за демократските процеси на државата, туку и во процесот на евроинтеграција. Затоа, треба да се поттикне нивно рамноправно учество во програмите за прекугранична соработка и нивна соработка со јавниот сектор.
Ова се дел од заклучоците кои произлегуваат од истражувањето „Учество на граѓанските организации во прекуграничната соработка“, кое го спроведе Европската асоцијација за локална самоуправа – АЛДА.
За поголема вклученост на граѓанските организации во процесот на донесување одлуки, како што е наведено во истражувањето потребно е „да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации за јавни политики, да бидат свесни за процесот и нивната улога. Да се зајакне свеста на државните институции за важноста граѓанските организации да бидат вклучени во донесувањето на одлуки и да се поттикне воспоставување на мрежа на граѓански организации за изнаоѓање на решение за територијална и тематска репрезентација на организациите во одлучувачките тела“.
Како што истакна Ивана Петровска од АЛДА, од особена важност е соработката меѓу граѓанските организации и општините. Истражување покажува дека постои различно мислење и впечаток за соработката меѓу двете страни. Како што забележа Петровска, додека локалната самоуправа е категорична дека многу често и добро соработува со граѓанските организации на локално ниво, организациите сметаат дека има простор за понатамошно зајакнување на таа соработка.
Истекувањето на мандатот на локалната власт во Македонија, според АЛДА не треба да претставува пречка за имплементирање на проектите од ИПА механизмот на локално ниво.
Истражувањето е дел од проектот „Граѓански организации-носители на прекугранична соработка“, кој е дел од ИПА2 – механизмот на граѓанските организации.
М. Теговска