УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Се сеќавам овие денови, како со преносот на текстот на аналитичарот Тим Џуда од лондонски „Економист“, на крајот на летото 2010 година, за прв пат во животот заинтересирав некои службеници на Владата за објавен напис. Се јавија на редакцискиот телефон од МНР и прашаа дали преносот е веродостоен, не сакајќи, очевидно, да веруваат дека некој сакал „да ја возобнови Југославија“. Така барем се читаше таа реакција од владина страна. Факт е дека не бев некој што го следи „Економист“ и дека до тој текст стигнав преку паничните реакции што се јавија во хрватскиот печат. Во нив стоеја емотивни содржини со кои се тврдеше дека, ете, се настојува да се „воскресне Тито“ преку идеја да се создаде лабава заедница во форма на пазарна унија, во која, би постоел слободен проток на луѓе и стоки. А ова би бил предтекс за влез на државите од Западен Балкан во Унијата, пишува Љубомир Костовски во колумната „Беше Југо-сфера, а стана Отворен Балкан“
Инспирација за мојов денешен текст се неодамнешните трагикомични и недолични случувања на релација адвокати-судии-обвинители во врска со пуштањето од притвор и повторното изрекување нова мерка притвор на поранешниот директор на УБК. Добив чувство дека и едните и другите и третите како да живееле, учеле и како да работат секој во свој сопствен систем на правда. Наместо сите заедно да го унапредуваат тие неодговорно и ,,крвнички” го доразградуваат и онака неефикасниот и неправичен правосуден систем во нашата држава. Судиите и обвинителите по којзнае кој пат ја покажаа својата недоследност и подложност на надворешни и внатрешни влијанија, а додека адвокатите се чини дека сериозно „забегаа во бранењето“ на нивниот клиент (посебно во делот на оправдувањето на потеклото на милионски дадената гаранција), пишува Јове Кекеновски во „Адвокатско-судско-обвинителска папазјанија“
Мултимедијален настан на ЦИВИЛ „Направи разлика, почитувај ги различностите“
ЦИВИЛ организира мултимедијален настан „Направи разлика, почитувај ги различностите“, од 12 часот во прес центарот на ЦИВИЛ во Палома Бјанка , 3 кат.
НАСТАНИ
МАНДАТ: Претседателот Стево Пендаровски, денеска, во 13:00 часот, ќе го врачи мандатот за состав на Владата на Република Северна Македонија на Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ. Со тоа, стартува уставниот рок од 20 дена, во кој мандатарот треба да го дефинира составот на Владата како и програмата по која таа ќе работи, и да го достави до Собранието.
КОМИСИЈА: Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска на подготвителна седница пред енергетските компании ќе ги презентира механизмите кои ќе ги активира при носење на новата одлука за цената на електрична енергија.
Најдоцна до петок РКЕ треба да ја донесе одлуката за цената на струјата за корисниците на регуларниот пазар што ќе важи во првите шест месеци од наредната година. Сите енергетски компании веќе побараа зголемување на цената на електричната енергија.
ДКСК: Продолжението на 58-та седница на Државната комисија за спречување корупција(ДКСК) од 11 часот.
КОМОРА: Стопанската комора на Северна Македонија денеска ќе презентира анкета за странски директни инвестиции, како и резултати од работењето за оваа година на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.
Информацијата на прес-конференција ќе ги претстават претседателот и потпретседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, Виктор Мизо и Боријан Борозанов.
ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА: Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи ќе одржи прес конференција на која ќе ги презентира податоците за државната помош за компаниите преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции за инвестиции реализирани во 2020 година.
ПАНЕЛ: Онлајн панел дискусија за компании и студенти насловена „Tвојата кариера во 2022 година“ ќе се одржи попладнево.
Според организаторите на настанот, на панел дискусија ќе учествуваат компании од повеќе градови од земјава, кои ќе им одговараат прашања на студентите во врска со нивната кариера за новата 2022 година.
Целта на настанот е поврзување на студентите и компаниите и нудење одгoвори на прашања од студентите со цел успешно започнување на нивната кариера во новата 2022 година. Воедно настанот претставува можност студентите да ги запознаат компаниите, и нивните кариерни можности, односно што се очекува од нив и кои се нивните барања.
КУЛТУРА: Изложба „Навезени спомени“ во која се презентирани 53 најкарактеристични народни везови, од различни етногеографски области на нашата земја денеска ќе биде отворена во Музејот на Република Северна Македонија во чест на Блаже Конески. Везовите коишто се поставни во 30 рамки претставуваат значајно сведоштво за креативноста, оригиналноста и вештината на жената – везилка, но и за традицијата што со векови се пренесувала од колено на колено.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев