Професорот по безбедност Владимир Пивоваров во интервју за ЦИВИЛ Медиа отвора едно од најретко поставуваните, но суштински прашања за политичката одговорност: дали популизмот и лажните предизборни ветувања треба да се третираат како кривично дело?
Тој потсетува дека уште во 2005 година, во свој научен труд, го поставил прашањето дали политичарите кои даваат ветувања што свесно не ги исполнуваат – всушност ги доведуваат гласачите во заблуда. Според Пивоваров, граѓаните го даваат својот глас врз основа на тие ветувања и фактички ги губат четирите години доверени на политичарите. Затоа, вели тој, измамата преку политички ветувања е потешка и поопасна од „обичните“ измами што завршуваат со судска постапка и затворска казна.
Пивоваров заклучува дека нерегулираното политичко ветување претставува сериозен удар врз демократскиот процес и дека е време институциите и јавноста да преиспитаат дали популизмот треба да ја добие и својата правна дефиниција.












