Продолжуваат провокациите на Северна Кореја, која лансирала уште една балистичка ракета. Според јужнокорејската војска, ракетата минала над илјада километри пред да падне во Јапонското Море. Веднаш потоа, потврда за лансирањето стигна и од официјален Пјонгјанг. САД, Јапонија и Јужна Кореја упатија остри реакции.
Потпаролот на јужнокорејскиот генералштаб, Ро Џае Чон, изјави дека ракетата била лансирана од воздухопловната база Пангхион, на сто километри северозападно од Пјонгјанг. Тој истакна дека јужнокорејската армија ја одржува подготвеноста за натамошни можни провокации од Северна Кореја.
Ваквите постапки на Северна Кореја предизвикаа бура реакции низ целиот свет.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави решителен одговор на заканите на режимот во Северна Кореја. Тој ја повика Кина, како најблизок сојузник на Северна Кореја, да преземе решителни чекори и „еднаш засекогаш да го запре ова безумие.“
Јапонскиот премиер Шинзо Абе најави средба со претседателите на Кина и на Русија, од кои ќе побара да одиграат поконструктивна улога.
Кинескиот амбасадор во Обединетите нации, Лиу Џиеји предупреди дека доколку големите сили не успеат да ја смират кризата со Северна Кореја, може да се случи кризата да излезе од контрола и да се случат катастрофални последици.
Но, иако Кина се залага за преговори за укинување на нуклеарната програма на Северна Кореја, која минатата година изведе две нуклеарни проби, а годинава изврши серија тестови на балистички ракети, американскиот претседател Трамп оцени дека напорите на Кина се неуспешни.
Советот за безбедност на ОН од 2006 година применува воени и економски санкции врз Северна Кореја поради нејзината нуклеарна програма.