Тројца градежни работници од скопската фирма „Синтек – Инженеринг“ се здобиле со тешки телесни повреди, при пад од монтажно скеле поставено на височина од околу 5 – 6 метри, на автопатот Скопје – Куманово, кај клучката во село Миладиновци.
Б.С. (34) од село Табановце, С.В. (48) од кумановското село Биљановце, и З.К. (45) од село Чашка, велешко, изведувале градежни работи, кога во критичниот момент се откачил еден сврзен дел од скелето. Според МВР, тие за час и половина биле пренесени во градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, каде што им е пружена потребната медицинска помош. Единствено З.К. бил пуштен на домашно лекување, бидејќи кај него биле констатирани само набиеници, додека кај Б.С. и С.В. се дијагностицирани сериозни фрактури во пределот на главата, темето и рбетниот столб.
Истрагата, екипите на МВР и надлежните од Инспекторатот за заштита при работа, треба да ги утврдат причините што довеле до оваа несреќа.
А, граѓански новинар, соработник на ЦИВИЛ Медиа, во петокот околу 11 часот затекна градежни работници на терен и покрај препораките на надлежните институции, во екот на пеколните горештини, од 11 до 17 часот – да нема работници на отворено.
Имајќи предвид, дека во летниот период се зголемува бројот на несреќи во градежништвото, ЦИВИЛ-Центар за слобода ги повикува надлежните инспекциски служби да ги интензивираат контролите со цел да се заштитат законските права на овие работници, а сопствениците на градежните фирми да се обврзат на доследна примена на законските прописи и норми.