Во Македонија се уште се гине на работното место. Само минатата година се регистрирани 24 смртни случаи и 134 повреди, а Законот за безбедност и здравје при работа донесен пред 11 години претрпел над 10 измени, но тие не придонеле за негова подобра имплементација во пракса.
Како што беше речено на денешната дебата по повод 11 години од примената на Законот за безбедност и здравје при работа, основната правна рамка донесена во 2007 година базирала на стандардите на Меѓународната организација на труд и на конвенциите од Светската здравствена организација и се изготвувала најмалку 18 месеци, додека измените, особено оние од последните години, биле речиси и бесмислени зашто имало случаи кога се интервенира за само еден збор.
– Повеќето измени не се применливи. Имаше случаи кога Законот претрпуваше четири измени во тек на една година или се правеа по неколку пати измени на измени, истакна професорот Агим Шакири, еден од креаторите на Законот за безбедност и здравје при работа.
Само првите измени на Законот за безбедност и здравје при работа биле по предлог на стручната фела која оценила дека инспекторите имаат проблеми со неговото спроведување. Како што нагласи професорот, основниот закон, донесен во 2007 година бил еден од најдобрите во Централна и Источна Европа.
Според Весна Ристовска од Македонското здружение за заштита при работа, одговорноста за смртните случаи на работните места и повредите треба да се лоцира и кај работодавачите и кај работниците, но и кај надлежните институции за надзор на компаниите. (МИА)