ЗОРАН ИВАНОВ
Ја слушам на телевизија кандидатката од изборното ливче број 2, професорката ерудит, разбирливо школски, стручно академски, смирено педагошки, објаснува и толкува правда овдешна и неправда меѓународна за рамковниот, за францускиот, за преспанската, за ООН и за ЕУ, за правото овдешно и за неправото меѓународно, за критериумите еднакви за сите земји и за сите народи и сè така убаво предава теорија ама еден елемент во пракса или го заборава или не го знае дека светот е неправеден и дека нејзината правна теорија е за во нејзините учебници, за на факултетските предавални и дека, кажано во оваа една реченица, факултетот не е држава и дека гласачите не се студенти и дека нејзините претседателски против кандидати не се нејзините колеги професори во дебата на седница на професорски форум и дека светот не е правен туку е политички, дека во него владее моќта на моќните и суровите и дека правото меѓународно што во учебниците нејзини го пишува таа, го учиме ние ама го толкуваат тие зашто, нели, Сила бога не моли.