Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска работи на предлог–законите за минимална плата и за стечајци. Усвојувањето на овие измени на законската регулатива за минималната плата, со нетрпение ги чекаат 130 илјади работници, претежно во текстилната, чевларската и кожарската индустрија, коишто од досегашните околу 9.000 ќе добиваат по 12.000 денари месечно.
Од друга страна, Предлог-законот за стечајци овозможува сигурен надоместок за околу 3.000 стечајци коишто со години протестираа по улиците, а голем дел од нив ги изгубија и своите животи, притиснати од стресовите и сиромаштијата со кои се соочуваа со години.
Овие измени требаше да стартуваат со почетокот на септември, но блокадите во работата на собраниските седници, што ги предизвикуваат 51 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, поделени во 10 пратенички групи, всушност, се на штета на социјално најзагрозените категории граѓани.
Наместо покачување од 3.000 денари по работник, 130 илјади граѓани и овој месец, ќе работат за 9.000 денари, минимална плата. Не ќе можат да ги платат сметките, не ќе можат да ги испратат на училиште своите деца со потребниот сет школски прибор и помагала, а да не зборуваме за топлата облека, којашто е неизбежна со почеток на есента.
Стечајците пак и натаму, живеат во надеж, но тоа не им го олеснува стресот од мачниот живот.
А, ВМРО-ДПМНЕ и како опозиција, продолжува со своите опструкции, со единствена цел, колку може подолго да ги пролонгира точките на дневен ред на собраниските седници, со цел да покаже дека Владата на СДСМ не е успешна, дека не го реализира ветеното. Лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ нема крај, а штетите се врз грбот и на нивното членство.
М. Талеска