ВЕСТ НА ДЕНОТ: Холандска амбасада: Неоснована и лажна веста е дека Холандија дала поддршка за бугарското вето
Холандската амбасада во Скопје вели дека се целосно неосновани и лажни вести известувањата во некои медиуми дека Холандија ѝ дала поддршка на Бугарија во блокирањето на преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, пренесува САКАМДАКАЖАМ.МК.
Од амбасадата за САКАМДАКАЖАМ.МК потсетуваат дека „на 30 октомври 2020 година, владата на Холандија го информира холандскиот парламент за својата одлука дека првата меѓувладина конференција за Северна Македонија може да се одржи. Овој став останува, се разбира, непроменет. Холандија сметаше и сѐ уште смета дека Северна Македонија има постигнато добар напредок и дека меѓувладината конференција може да се одржи веднаш штом се усвои преговарачката рамка“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Османи: Претседавањето со ОБСЕ во 2023 година уште еден дипломатски успех за Северна Македонија
„Денеска извојувавме дипломатски успех за нашата држава. Со консензус, односно сите 56 земји учеснички во ОБСЕ, ја прифатија нашата кандидатура, со што и официјално ни го доделија претседавањето со организацијата во 2023 година, кое ќе следи по Шведска во 2021 година, и Полска во 2022 година“, истакна Османи.
Министерот информираше за текот на подготовките што ќе следат во наредниот период, пристапувањето кон дефинирање на предлог програмата и дефинирање на нашите приоритети, детализирање на финансиската конструкција, како и формирање на поширокиот тим кој ќе биде одговорен за реализација на активностите до и за време на нашето претседавање.
„Претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе кон едно ново, подобро меѓународно позиционирање на Република Северна Македонија, како конструктивен актер и контрибутор во промоцијата на заложбите на ОБСЕ, а индиректно ќе се создаде и можност да се манифестира институционален капацитет кој се очекува од земја-членка на НАТО и идна земја-членка на ЕУ“, истакна Османи.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ:
(ВИДЕО)Несрин Таир: Национализмот е штетен за општеството и за секоја индивидуа
Наумов ветува изградба на спортска сала, нов студенски дом и две катни гаражи во Штип
Ангелов ветува изградба на болница во Штип, спортски терени и базени во топлите води во „Кежовица“
Митев со порака до штипјани: „Сега имате избор, ништо не ветувам, но можам многу да направам“
ФЛЕШ ВЕСТИ:
Вакцината за Ковид-19, која се очекува да пристигне во почетокот на следната година нема да биде задолжителна, а ќе биде бесплатна за сите граѓани, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
По иницијатива на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на седницата во вторникот Владата усвои Заклучок по кој министерот Нуредини издаде Наредба – Центарот за развој на Полошкиот плански регион, преку ангажираните изведувачи „Пелагонија“ АД и ЈКП „Комуналец“ од Гостивар, да спроведе брзи мерки за санирање на последиците по животната средина од работењето на постојната локација за отстранување отпад во Русино во општина Гостивар.
Во третиот квартал стапката на невработеност во земјава изнесува 16,5 отсто. Според објавените податоци на Државниот завод за статистика, таа бележи пад од 0,2 отсто во однос на претходниот квартал кога изнесувала 16,7 отсто.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска го поздрави одржувањето на конститутивната седница на Клубот за младински прашања и политики, на членовите им посака плоден и успешен мандат, но и постигнување на завидни резултати во исполнувањето на правата на младите.
Министерството за труд и социјална политика започна со реализацијата на серија онлајн работилници наменети за зајакнување на компетенциите на практичарите во системот на предучилишно образование.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Како е можно политиката на Зоран Заев за меѓународното позиционирање на државава со години по ред да добива активна поддршка и највисоки оценки од најважните лево-ориентирани и од најрелевеантните десно-ориентирани политички кругови во Европа (не е за чудење кога европските социјалисти ќе пишат ферман со комплименти за лидерот на СДСМ, но Меркел или Пленковиќ сигурно не се идеолошките компањони на Заев); а на протестите на Мицкоски, на кои на долго и широко се колне меѓународната политика на Македонија, не му поаѓа од рака да ги придобие ни поддржувачите на ВМРО од Драчево, на пример?“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Заев, Мицкоски и д-р Фројд“.
„Насловот е инспириран од email порака што ја добив од пријател и колега кој работи во Берлин, кој е Македонец, но кој, веќе подолг период, се занимава со светски и европски прашања на политичкиот јавен говор и меѓународните односи, а не толку со нашите. Разговаравме за стигмата на „ревизионизмот“ во нашата историографија како нешто што го влечеме од периодот на неуспешниот обид да се изгради вистински социјализам (периодот на СФРЈ), за бугарофобијата, но и за национал-шовинизмот на моменталната власт во Бугарија и неприфатливоста на бугарските барања во делот каде се врши насилие врз правото на национална себе-идентификација. Го загатнавме и прашањето на колективна вина, вклучувајќи го и проблемот дека ако на бугарскиот народ му припишуваме колективна вина за периодот на соработка со нацистичка Германија, а на сопствениот народ му подаруваме комплетна апсолвираност од секаква вина, и самите, сосема несвесно, учествуваме во градењето на еден националистички стереотип за соседот“, пишува Катерина Колозова во колумната „За „градината и цвеќињата“ и булдожерите на македонскиот јавен живот“.
А. П.