НАСТАН НА ДЕНОТ: Игор Спасов вратен во затворот во Идризово
Поранешниот припадник на специјалните единици при МВР – Игор Спасов осуден на 14 години за убиството на Мартин Нешкоски, од денеска ќе продолжи да ја одлежува казната затвор во КПУ – Идризово. Директорот на Затворот Идризово, Јовица Стојановиќ, за МИА потврди дека Игор Спасов од пред половина час е донесен во казнено поправната установа и е сместен во затвореното одделение на овој затвор.
По барањето на Министерството за правда до бугарските органи за екстрадиција на лицето Игор Спасов назад во Северна Македонија, на 26.02.2021 Градскиот суд во Софија, донесе одлука да дозволи негова итна екстрадиција назад во земјата.
Барањето за екстрадиција на 10.02.2021 го потпиша Министерот за правда Бојан Маричиќ, стои во соопштението од Министерство за правда.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Симовски: Пописот нема да се одложи
„Ние ги планиравме сите активности согласно состојбата во ноември кога беше најголем пикот, може и има услови да се спроведе операцијата на терен. Притоа, апсолутно секој поединец што ќе биде учесник во пописот мора задолжително да ги почитува до максимум сите безбедносни протоколи кои се веќе поставени од страна на комисијата и усвоени од Владата,“изјави Апостол Симовски, директор на Државен завод за статистика
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
На повидок големи промени во изборниот систем
Во јавноста сè погласни се најавите за реформа на изборниот модел и сведување на шесте изборни единици на една. СДСМ веќе одамна ја објави подготвеноста за оваа крупна промена во изборниот систем, а сега и помалите партии од опозицискиот и од мнозинскиот блок јавно се залагаат за тоа.
Редно е да се истакне и фактот дека овие промени се резултат од долгогодишното залагање и елаборирани експертски препораки на организациите на граѓанското општество, во прв ред, Граѓанската Асоцијација „Мост“ и ЦИВИЛ, организација за човекови права и слободи.
Накратко, предлогот на помалите партии се состои во спојување на сите изборни единици во една, да остане пропорционалниот модел, да нема изборен праг, како и тоа да остане Донтовиот метод за распределба на мандати од партиските листи според пропорционална застапеност, користејќи го принципот на највисок просек.
ЦИВИЛ има дополнителни предлози и препораки, како дел од Работната група за измени во Изборниот законик, при Министерството за правда.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ
ЦИВИЛ вчера во Штип одржа панел дискусија на тема „Попис: Статистика, не политика“. Градоначалникот на Штип, Сашко Николов, Претседателката на Совет на општина, Маријана Рогожарска Поповска, Претседателката на пописна комисија, Соња Китанова, Кординаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Љубе Здравков, Советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Христина Серафимовска, Директорот на Дом на млади, Горан Трајков и главниот уредник на ТВ Ирис, Војо Маневски, беа седумте учеснички и учесници на панел дискусијата. Модератор на панел дискусијата беше Џабир Дерала.
Претседателката на пописната комисија Соња Китанова за реон 16, за општините Штип и Карбинци на панелот на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“, се осврна на техничкиот дел од статистичката операција.
Градоначалникот на општина Штип Сашко Николов на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“ изјави дека пописот е статистички бајпас за унапредување на развојот на нашето општество.
Николов: Пописот е статистички бајпас за унапредување на развојот на нашето општество
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Љубе Здравков, на панелот на ЦИВИЛ „Попис: статистика, не политика“ изрази сомнеж од страна на опозицијата, за начинот на пописот.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Образование– Се изработуваат наставни програми за прво и за четврто одделение во кои од наредната учебна 2021/2022 година треба да почне постепена имплементација.
Попис– Под слоганот „Тука живеам, одлучувам, постојам“ почнува кампањата за пописот во државава, што го спроведува Државниот завод за статистика.
Од ДЗС информираат дека во овие моменти има услови за спроведување на пописот, но секој поединец мора да ги почитува мерките и протоколите за безбедност.
Премиерот Зоран Заев не гледа причина да се одложи спроведувањето на пописот бидејќи тој се организира по сите протоколи за заштита.
Интеграции– Државата ги штити индивидуалните и колективните права и нема да дозволи, дали поради изборна агенда, дали поради билатерални разлики, некој да ја прикаже државата дека ограничува индивидуални или колективни права.
Избори-Помалите парламентарни партии поддржани од СДСМ поднесоа измени на Изборниот законик со барање Северна Македонија да биде една изборна единица.
Економија– Сметководителите бараат продолжување на роковите за годишни сметки бидејќи речиси 50 отсто биле болни од КОВИД, но министерот за економија Крешник Бектеши заедно со Министерството за финансии, УЈП и Централниот регистар одлучија да нема пролонгирање на роковите за завршните сметки, поради фактот дека тие сметаат дека сметководителите и не биле толку погодени од пандемијата.
КОВИД-19– Премиерот Зоран Заев изјави дека во недела се очекува да пристигнат првите 3000 вакцини, а за евентуални нови рестриктивни мерки поради зголемувањето на бројките на заразени, Владата ќе ја чека Комисијата за заразни болести да одлучи.
Политика-Министерот за правда Бојан Маричиќ, во присуство на претставниците на УПОЗ и Независниот синдикат на судска полиција, го потпиша правилникот за зголемување на платите на судската полиција.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Има разлика меѓу политичкото хазардерство и политичкото лидерство. За двете е потребна храброст. Дали понудата на Заев за гласање на доверба во неговата влада беше хазардерство или лидерство е помалку важно прашање, а и одговорот е очигледен. Поважно прашање од тоа е зошто никој не се осмели да покаже незадоволство и критика онаму каде што тоа би имало најсилен ефект, во домот на демократијата, Собранието.
Уште во првиот час по нокаутот што го доби во парламентот, Мицкоски, и онака потонат во порази, го стрефи лавина од подбивни коментари меѓу кои најсилен впечаток ми остави оној на Даниела Рангелова која му го закачи и хаштагот „Вака се станува лузер по книга“.“ пишува Џабир Дерала во колумната „Нула црвени картони?“
И.К.