ВЕСТ НА ДЕНОТ: Потпишан Кодексот за етичко однесување на функционерите, Љупчо Николовски назначен за одговорен за негово спроведување
Членовите на Владата денеска го потпишаа Кодексот за етичко однесување на функционерите, со кој сите заменици министри, директори и јавни функционери именувани од Владата се обврзуваат дека го прифаќаат Кодексот, заради обезбедување почитување на уставноста, законитоста, професионалниот интегритет, ефикасноста, лојалноста, одговорноста и транспарентноста на Владата и на сите владини институции.
Премиерот Зоран Заев на денешната владина седница истакна дека потписот е нивна согласност дека ги прифаќаат сите највисоки етички принципи за заштита на човековите права и слободи при, вршење на нивните функции и должности во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот на Република Северна Македонија.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Делевски, професор во средно училиште: Онлајн наставата е можност за колективен пресврт на образовниот процес
„Онлајн наставата е предизвик и преиспитување на воспитно-образовните модели. Предизвик е поради новоста и повеќестраното поедноставување на трансферот на знаења, а преиспитување е и поради различните услови на работа на наставниците и учениците и поради дополнителната потреба од креативни решенија и апликативност на наставниот материјал. Онлајн учењето има можност да биде не само замена, туку и преродба на образованието, но само доколку се истрае во почетниот период и доколку се зачуваат резултатите на долгорочен план – како визија за иднината и како можност за надоградувања на образовниот систем на двонасочно изградениот систем“, вели професорот Делевски.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Зелен ЦИВИЛ: Зелените политики во фокусот на локалната власт во Гевгелија
„Слоганот со кој јас настапував на локалните избори во 2017 беше „Модерна, европска и зелена Гевгелија“. Голем дел од капиталните инфрастуктурни проекти водат кон тоа гевгелија да биде зелена општина. Со тековните работи исто така посветуваме големо внимание на зеленото. Сакам да упатам една порака како позитивна пракса од Гевгелија: голем дел од прашањата за отворање на рудници и фабрики што би можеле да бидат глоеми загадувачи на Гевгелија се одбиени на седницата на Советот на Општината, во транспарентни постапки во дослух со граѓаните. Крајната порака е дека го имаме слухот на граѓаните, на невладините организации и сè што правиме е во тој правец да ја направиме Гевгелија модерна, европска и зелена“, изјави Сашо Поцков, градоначалник на Гевгелија во заедничка изјава за медиумите со тимот на Зелен ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ со панел дискусија „Дискриминацијата и вработувањето во јавниот и приватниот сектор“
ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема „Дискриминацијата и вработувањето во јавниот и приватниот сектор“, утре ( среда) 30 септември, во хотелот Сити Парк, со почеток во 12 часот.
Дискриминацијата по многу основи при вработувањето е честа тема во медиумите и во јавната комуникација. Недоволното разбирање и честата политизација на темата околу вработувањето ја налага потребата од поширока јавна дискусија со аргументи од повеќе аспекти на сите засегнати страни.
На панелот ќе учествуваат Јована Тренчевска, Раководител на одделение за родова еднаквост, Сектор за еднакви можности во Министерство за труд и социјална политика , проф. Мирјана Најчевска, експертка за човекови права, Висар Адеми, експерт за економија, Лиса Баута Шаќири, авторка и правничка и Рамуш Муарем-Цирко, новинар. На почетокот на панел дискусијата, Џабир Дерала ќе ги претстави ставовите и првичните препораки на ЦИВИЛ на оваа тема.
ФЛЕШ ВЕСТИ:
Судскиот совет на денешната седница едногласно ја предложи судијката Добрила Кацарска за нов судија на Уставниот суд.
Поранешниот премиер во бегство Никола Груевски доби казна затвор од една и пол година, а екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески доби условна казна од една година за поттикнување на насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.
Министерката за образование и наука Мила Царовска, градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски и претседателот на СОНК, Јаким Неделков денес ги посетија општинските основни училишта „Дане Крапчев“ и „Крсте Мисирков“.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов вели дека институцијата со која тој раководи продолжува со активностите за остранување на дивоградбите што се под нејзина надлежност, а се дел од проектот Скопје 2014.
Проекциите кои ги имаме до крајот на годината се дека во последниот квартал следи закрепнување кое доколку успешно го премостиме можеме да влеземе во пост ковид периодот со добра основа за развој и стабилизирање, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Државниот завод за ревизија констатирал дека во Специјалното јавно обвинителство износот на исплатените додатоци за 2015 година го надминува износот на исплатените средства за основната плата по лице.
Во рамки на Транспортниот центар во Скопје денеска беше отворен првиот плоштад за велосипеди – Велоштад.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Неодамнешното барање на Гордана Јанкуловска да им се приклучи на оштетените во процесот за масовното прислушување „Тврдина/Таргет“ од страна на претходната власт во која самата со години беше министер за внатрешни работи; како и вчерашното тврдење на еден од адвокатите на Миле Јанакиески дека неговиот клиент не бил „близок соработник“ на Груевски, туку негова жртва, бидејќи и самиот бил предмет на обемно нелегално следење што го спроведувале криминални структури во (нивната) власт, раководени од самиот Груевски – се зачудувачка илустрација не само за очајничките стратегии на нивните одбрани во продолжените судски процеси во кои на Јанкуловска и Јанакиески им се закануваат долгогодишни затворски пресуди, туку и за методите на „семејното насилство“ со кое владееше претходната власт“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Гордана и Миле – жртви на семејно насилство?!“
„Големата моќ која е ставена во рацете на полицаецот мора да биде врамена во законски ограничувања кои треба да обезбедат минимизирање на можноста за нејзина злоупотреба и затоа и најмал облик на злоупотреба мора да биде откриен и соодветно санкциониран. Во спротивно, наместо структура која ги заштитува правата и слободите на граѓаните, полицијата ќе стане најмоќна банда која може да ги тероризира граѓаните. Тепањето, клоцањето, удирањето боксови и шамари не се вброени во средствата за присила. Во ниту една ситуација. Под никаков изговор.“, пишува Мирјана Најчевска во колумната „Полицијата е бранител на човековите права“.
Поенти на Џевдет Хајредини – Груби игра грубо
„Груби, само што стана прв заменик на Премиерот Заев, веднаш на груб начин го истера секретарот на владата од својот кабинет.“
А. Петровска