ВЕСТ НА ДЕНОТ Драги Рашковски поднесе оставка од функцијата во Владата
Драги Рашковски во објава на Фејсбук изутринава напиша дека се повлекува од функција Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата на С. Македонија.
Тој во објавата го сподели писмото што го упатил до премиерот Зоран Заев каде ги објаснува причините за, како што наведува, неотповикливото повлекување од функцијата. Споделеното писмо е со датум од 12-ти месецов.
Државната комисија за спречување на корупцијата на 10-ти минатиот месец отвори предмет за набавката на софтвер за контрола во сообраќајот којшто го распишал Драги Рашковски како генерален секретар на Владата, а се проверува и имотната состојба што ја пријавил во анкетениот лист. Основното јавно обвинителство за организиран криминал на 18 минатиот месец отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот, а на 9-ти месецов беше извршен претрес во просториите на фирмата „Инвока груп“ од која е купен софтверот.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Градоначалникот на Кочани: Го осудувам секое насилство и непочитување на законите
Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев за ЦИВИЛ Медиа вели дека го осудува секое насилство и непочитување на законите и додава дека случајот со тепаното дете во кочанско „Трајаново трло“ е изолиран случај и верува дека надлежните органи ќе го расчистат час поскоро.
„На 8 април на Меѓународниот ден на Ромите сакавме да поставиме камен темелник за отпочнување на изградба на типски куќи каде е планирано да се сместат сите 24 семејства кои живеат во Старата касарна во Кочани и уште неколку други семејства кои се социјално загрозени, без разлика на нивната етничка припадност. Меѓутоа, на 7 април добивме писмо од непознати нарачатели преку кое бевме известени дека локалните жители на Трајаново Трло нема да дозволат да се изгради до нив нова населба. На 8 април жителите на Трајаново трло организираа мирен протест, но на протестот беше истакнат и транспарент „Само преку нас мртви“ кое јас го осудувам и тоа не треба да ја отсликува сликата за соживотот во Кочани“.
Изградбата на станбени објекти во месноста Пресечена Скала во Кочани коишто ќе бидат наменети за сместување на социјално ранливите семејства од Старата касарна, претставува еден од најзначајните проекти во Кочани со кој се решава прашањето на домувањето на лица од ромска националност, коишто живеат во супстандардни услови. Поради реакција на жители од Трајаново Трло, почетокот на работите на изведувачот се одложува додека Советот на Општина Кочани повторно не се произнесе по ова прашање.
ФЛЕШ ВЕСТИ
КОВИД-19 Тренд на намалување на бројот на ново дијагностицирани случаи со Ковид-19.
Откако ќе се изгласа Законот за здравствена заштита со измените и дополнувањата, пациентите во приватните болници кои се лекуваат од Ковид – 19, ако е комплексно лекувањето и долго трае, максималната сума што треба да ја плати е 300 илјади денари, информира министерот за здравство Венко Филипче.
Владата планира преку кампањи да ја подигнува свеста на граѓаните за потребата од имунизација
ПРАВДА Доста е, претеравте“, протест на КСС утре пред Владата и Собранието
Оставката на Рашковски нема да влијае на работата на ДКСК по предмети повразни со набавката на софтвер за контрола на сообраќајот.
ЗЕЛЕНИ Група граѓански организации, универзитетски професори и архитекти упатија Јавен повик до премиерот Зоран Заев за поддршка на суспензијата од Општина Центар за Деталниот урбанистички план ЦО8 (паркингот спроти х. „Холидеј Ин“), како и други ДУП-ови коишто не се усогласени со Генералниот урбанистички план. Во барањето се повикуваат Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје, но и другите надлежни институции да се произнесат и да се обврзат дека нема да издадат согласности да ДУП-ови коишто не се усогласени со ГУП.
Во Франција ќе се извезе линданот, а во Холандија ќе биде извезена контаминираната земја под линданот во кругот на фабриката ОХИС. Од малата депонија до почетокот на наредната година до колку дозволат условите со пандемијата, би се отстраниле првите количини од 700 тони контаминирана почва.
ЕКОНОМИЈА Даночната реформа започнува годинава, преку реализација на 13 цели и 40-тина активности и многу бројни подактивности од Акцискиот план за 2021 година за спроведување на Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021-2025 година.
ПОЛИТИКА Коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива вчера најавија дека ќе ги повлечат амандманите поднесени во Собранието за законите од петтиот пакет на економски мерки. ВМРО-ДПМНЕ, пак, претходно вчера соопшти дека ќе ги повлече своите амандмани што ги поднесе во Собранието за Предлог законот за државјанство.
Драги Рашковски во објава на Фејсбук изутринава напиша дека се повлекува од функција Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата на С. Македонија.
СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА Граѓаните во услови на пандемија имаат проблем со остварување на правото на надоместок на помош и нега од друго лице.
ИНТЕГРАЦИИ Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, утре ќе престојува во работна посета на Виена во рамки на која предвидено е да има средби со Каролине Едштадлер, министерка за Европа и Устав и со министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг.
ОПШТЕСТВО Во 2020 година вкупниот приход од царини, ДДВ, акцизи и други надоместоци е повисок за 4,8 отсто во однос на планираното. Овие показатели на годишно ниво, во време кога заради пандемијата значително е намален интензитетот на економијата и трговија, со своето високо професионално и чесно работење царинските службеници и Царинската управа на Република Северна Македонија се покажа како сериозен и еден од најголемите учесници во полнењето на Буџетот на нашата земја.
Значењето на Царинската управа, како суштински дел од институционалниот систем на нашата држава, посочува Спасовски, се огледува во фактот што во изминатите 29 години постоење на Царината, нејзините вработени, нејзиниот технички, кадровски, организационен потенцијал се етаблираа како кредибилна и есенцијална алка во доменот на сите оние законски надлежности на царинското работење.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Раководните структури на УКИМ автономијата ја помешаа со самовластие, со потполна неодговорност и со непочитување на законите (до апсурдното ниво член на Сенатот на УКИМ да соопшти јасно и гласно на седница на Сенатот, дека почитувањето на правото е преценето и дека ја убива креативноста на решенијата кои може да ги донесе Сенатот). Најголемиот бисер на ова самоволие спакувано во целофан на квази-автономија е отсуството на контрола на трошењето на парите на Универзитетот од страна на Ректорот и неговата камарила. Спротивно на Законот за високо образование, Ректорот прима неколку плати, додатоци и парични средства кои сам си ги доделува,“ пишува Мирјана Најчевска во колумната „Рибата смрди од главата“
„Везувот на Граѓанскиот Пркос експлодира во татнеж. Помпеј изедначен со Заробената Држава почна вистински да се пржи и да се пеплосува од Пржинскиот Договор. Граѓаните еруптираа по улиците на Скопје. Известувачите се обидоа да ги пребројат нивните воинствени и миротворни бои. Не можеа да одлучат која боја преовладува. Сите беа на улица, без разлика на пол, нација, вера, и секаква друга различна ориентација. Сите беа едно, едното беше сите….Виножито. Граѓанскиот Пркос беше револуционерен како еруптивен Вулкан и шарен како виножито.Граѓанскиот Пркос по домашните и светските медиуми се нарече Шарена Револуција,“ пишува Агрон Биба во „Везувот на Граѓанскиот Пркос експлодира во татнеж“