ВЕСТ НА ДЕНОТ: Земјотрес од 6,3 по Рихтер ја погоди Хрватска
Силен земјотрес со интензите од 6,3 степени по Рихтеровата скала е регистриран во Хрватска во 12.20 часот. Епицентарот е во близина на Петриње, 45 км југоисточно од Загреб.
Во Загреб е предизвикана материјална штета и голем дел од градот е без струја.Подоцна беа регистирани уште два големи потреси од околу четири степени по Рихтер. Тоа е втор силен земјотрес што го погоди Загреб во оваа година, првиот се случи на 22 март.
Петриња и Сисак претрпеа најмногу штети во разорниот земјотрес што денеска ја погоди Хрватска.Главнот град Загреб исто така претрпе големи штети.
Владата денеска донесе одлука да испрати финансиска помош од шест милиони денари во Хрватска по силниот земјотрес од 6,4 степени по Рихтер во Петриња. Веста на Фејсбук ја соопшти премиерот Зоран Заев.
– Солидарноста е првиот порив во овие моменти и ќе пружиме помош согласно потребите. До премиерот Андреј Пленковиќ и до сите хрватски граѓани погодени од земјотресот упатувам силна поддршка. Во име на сите граѓани на Северна Македонија изразувам сочувство за жртвите, напиша Заев на Фејсбук.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Книгата „Протест(и)“ е заедничко дело на фотографот Александар Кондев и авторот Златко Теодосиевски и во неа се сместени фотографии и текстови настанати во времето на Шарената револуција. Ова дел е овозможено со финансиска поддршка од Министерството за култура и Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Со оглед на фактот дека книгата е со тираж од само 150 примероци кои нема да се продаваат, туку бесплатно ќе се делат, ЦИВИЛ побара дозвола од авторите да ја објави во електронска форма (ПДФ), се разбира, исто така бесплатно на интернет порталот Цивилмедиа.мк, како и на веб страницата Граѓански објектив.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Реформите во јавниот радиодифузен сервис и медиумски реформи се започнати, но не исполнети, се наведува во денеска презентираниот финален сумарен извештај од набљудувањето на исполнувањето на реформските приоритети од областа на медиумите, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис преку проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“.
Пред собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница вкупно 44 пријавени кандидати, за објавениот оглас за седум членови во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, го почнаа нивното претставување и образложвуање на нивните биографии.
Професори од Природно-математичкиот факултет прават проценка за опремување на кабинетите по природни науки во основните училишта согласно со реформите со новата Нацрт-концепција за основно образование, соопшти Бирото за развој на образование, чии претставници вчера учествувале на онлајн-состанок со раководители и професори од институтите на ПМФ, на кој се дебатирало за Нацрт-концепцијата за реформите во основно образование.
Оваа година водевме дисциплински постапки против пет јавни обвинители кои сториле повреди во текот на работењето, рече државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на денешната онлајн средба со новинарите.
Државната комисија за спречување на корупцијата на денешната 45-та седница го усвои годишниот план за проверка на имотната состојба и интереси за претстојната 2021 година, кој ќе се реализира во три квартали и ќе бидат опфатени градоначалници, судии и функционери.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Вистинско чудо е како СДСМ сè уште води во анкетата на Телма/МЦМС, макар и со минимална предност, пред ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на целата општествено-економска катастрофа што се истури пред прагот на оваа власт во последната, оваа, година. Не познавам никого кој не е од нешто незадоволен годинава, а сите се, во помала или поголема мера, подуплашени за сопствената (благо)состојба, за своите блиски и за општите состојби во државата. Не знам дали е некаква утеха што истото се случува насекаде наоколу, до каде ти фаќа погледот на географската карта на светот“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Рејтинзите се лоши, на Мицкоски е со „негативни изгледи“.
„Дедо Никола се борел во Втората светска војна како партизан. По падот на фашизмот, тој продолжува да се бори на страната на комунистите во грчката граѓанска војна (1946-1949). Крвавата граѓанска војна го разделила од неговата љубов, баба Илина. И двајцата останале без дом и еден без друг. Од една земја во друга, дедо Никола го обиколил целиот свет (Јужна Америка, Советскиот Сојуз, други земји…) и по не знам колку години, повторно го свил своето семејно гнездо со баба Илина во Скопје, но подалеку ни поблиску, туку преку улица, спроти нашата куќа!“, пишува Џабир Дерала во колумната „Искомплексирани фашистчиња и арамии“.
„Ја гледам онаа анкета на Телма вчера и некои бројки не ми влегуваат в глава, не можам да ги објаснам и поврзам со животот и настаните сега и околу нас. Ете, би требало, се надевав, разликата меѓу најголемите македонски партии да биде многу поголема, а не само 0,6 %. Зошто? Па затоа што едните од петни жили се борат со најтешката криза што сме ја имале досега (здравствена, економска, политичка), да спроведат неопходни и итни реформи за да поправат и закрпат нешто од државата која претходната власт ја растури, стави во своја служба за да можат да крадат“, пишува Перо Арсовски „Стабилно гласачко тело“.