ВЕСТ НА ДЕНОТ – ЦИВИЛ одржа панел дискусија на тема „Недискриминација и мултикултурализам во образованието“
ЦИВИЛ одржа панел на тема „Недискриминација и мултикултурализам во образованието“, како дел од проектот Европски перспективи, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. На панелот учествуваа министерката за образование и наука Мила Царовска, проф. Елена Џукеска од Независниот академски синдикат, и Бленди Ходаи, претседателот на Сојузот на средношколци. Панелот го модерираше Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Панелот е првиот од серијата настани што се однесуваат на реформите во образованието.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска се осврна на интеркултурата во училиштата и недискриминаторни содржини во учебниците.
„Системот се обидува да се исправи пред сите предизвици. Сите бевме сведоци дека со години се објавуваа дискриминирачки содржини во учебници. Она кое што е значајно е тоа што досега само проектно се дискутирало на овие прашања. Во новата концепција на основното образование, основниот столб е интеркултурата. Концептот е граѓански и ние сме граѓанска држава. Вие не може да носите закони за дискрминиција и инклузивност а во реалноста имате дискриминаторни содржини и директно да се создава атмосфера на незадоволство. Сите овие дебати не треба да гледаме само од аспект на политика, туку да се гледаат од аспект да се почитуваат сите групи. Образованието мора да ги почитува сите.“
„Имаме проблеми со неразбирање на мултикулурализмот и недискриминација во академската фела“, истакна проф. Елена Џукеска од Независниот академски синдикат.
Политичките партии треба да покажат одговорност, ние сега сме во пострежимски период, диктаторот не е во земјата, но режимиот е се уште тука. Дел од академската фела немаа некои силни аргументи зошто да не се спроведат реформите во образованието, едноставно имаше лични и политички препукувања“, додаде таа на прашањето во врска со најавените образовни реформи.
Бленди Ходаи, претседател на Средношколски сојуз зборуваше за мултикултурата како вредност во семејството и училиштата.
„Ние како сојуз на средношколци кога зборуваме за инклузијата во општеството, секогаш заклучуваме 2 важни феномени. Првиот феномен, корените на проблемите се во семејството. Во нашите семејства се користи говор на омраза кон некои заедници и на тој начин се градат млади кои нема да ја почитуваат мултикултурата како вредност. А тоа е сериозен проблем. Диверзитетот се гледа како закана, за жал.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Заев: Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците
„Денеска го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, кој оваа Влада како дел од постојаната грижа, заштита и унапредување за нашиот мајчин јазик во 2019 година го прогласи за празник во чест на 5 мај 1945 година кога е донесено Решението на Президиумот на АСНОМ за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо на нашиот јазик.
Оваа Влада искрено и силно е посветена во негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, бидејќи нашиот јазик е нашиот национален и културен идентитет. Затоа поведовме иницијатива за измени и дополнувања на Законот за употреба на македонскиот јазик, но и ги слушаме сите забелешките и сугестиите во насока на промоција на нашиот македонски јазик.
Ја продолжуваме поддршката на голем број книжевни дела од издавачката дејност на Институтот за македонски јазик, како придонес за збогатувањето и унапредувањето на македонскиот јазик.
На македонски јазик се школувале, се школуваат и ќе се школуваат генерации и генерации успешни академици, доктори, инженери, новинари, културни работници и сите останати. Тоа е јазикот кој се изучувал на триесетина универзитети ширум светот.
Македонски јазик е јазикот на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Даница Ручигај, на Анте Поповски, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Ката Мисиркова-Руменова, на Петре М. Андреевски, Видое Подгорец, Оливера Николова и на плејада други подоцнежни и сегашни литерати кои низ годините наназад оставија илјадници книги напишани од нивното македонско перо.
2021 е година во знакот на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура – Блаже Конески, како најзаслужен за утврдувањето на македонскиот стандарден јазик. Токму во чест на Џинот од Небрегово, чие дело е светски признато ова одбележување, е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од страна на УНЕСКО.
Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците, сѐ дури постојат Македонците ќе постои и македонскиот јазик. Тие две нешта не можат едно без друго, затоа што тие постоеле, постојат и ќе постојат во убава и нераскинлива симбиоза“, изјави премиерот Заев.
ФЛЕШ ВЕСТИ
КОВИД МЕРКИ По препорака на Комисијата за заразни болести, поради стивнувањето на епидемијата во земјава, Владата донесе одлука наместо од 21:00 часот, полицискиот час од денеска да започнува од 23:00, а ќе трае до 05:00 часот.
РЕФОРМИ ВО СУДСТВО Извештаите на Стејт Департментот, Европската комисија, како и „Фридом Хаус“, ГРЕКО и повеќе други меѓународни организации и тела, покажуваат дека реформите во судството даваат резултати во однос на владеењето на правото, вели министерот за правда Бојан Маричиќ.
ПРАВДА Петмина од обвинетите за нелегално издавање пасоши на странски државјани за случајот „Двојник“ признаа вина, на денешното рочиште пред Основниот кривичен суд во Скопје.
СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТ СО ПОДДРШКА САД ги поддржуваат сите напори на Европската Унија и на нејзините земји-членки да им помогнат на Северна Македонија и Бугарија полесно да постигнат решение, изјавил за Гласот на Америка портпарол на Стејт департментот, одговарајќи на прашањето дали Вашингтон ја поддржува понудата на Австрија да посредува меѓу двете држави во решавање на проблемот.
ИМУНИЗАЦИЈА Министерот за здравство Венко Филипче смета дека одѕивот за вакцинирање треба да биде поголем. Апелира до граѓаните да се пријавуваат на сајтот „вакцинација.мк“ за кој вели дека функционира беспрекорно и нема никакви проблеми при закажувањето.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Присуството на Русија во информативниот простор на Западен Балкан е пресудно за ширењето на нејзиното влијание и пропагандата, пред сè, во „србосферата“, како тие самите ја нарекуваат, вклучувајќи ги тука Србија и Република Српска, но и Црна Гора и Косово, а во извесна смисла и Северна Македонија, како подрачја блиски на српското јазично подрачје. Тенденција е на Балканот да се промовира руска надворешна политика како единствено исправна и праведна. Владимир Путин да се претстави во позитивно, дури славеничко светло, а Русија како историски сојузник и заштитник на Јужните Словени од непријателските сили на Запад.“, пишува Александар Николиќ Писарев во колумната Руската „хибридна“ сенка врз Западен Балкан (3)
Д. Т.