Со цел поттикнување на конкретни промени за подобрување на состојбата за пристапност до јавни информации за лица со попреченост, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, Куманово, денеска организира јавна дебата со почеток во 12 часот во салата за Совет на Општина Куманово (поранешен Комитет).
На јавната дебата на тема „Пристап до информации за лицата со попреченост во општините и локалната јавна администрација во североисточен регион на Република Македонија“ ќе бидат презентирани наодите од истражувањето за пристапност на постоечките веб-страници на општините во северо-источен регион како и препораките за нивно подобрување за да бидат достапни за лицата со попреченост.
Поздравно обраќање ќе има Максим Димитриевски градоначалник на општина Куманово, а за акцискиот план за отворено владино партнерство 2016/2018: Приоритет 6-отвореност на локално ниво ќе зборува Ели Чакар, државен советник во Министерството за локална самоуправа.
На јавната дебата се поканети претставници и на Општините Куманово, Липково, Старо Нагоричане, јавните институции и установи од општините, организациите на граѓанското општество, граѓански организации кои ги застапуваат правата на лицата со попреченост како и лица со различни видови на попреченост.
Дебата е дел од активностите во рамките на проектот „Достапни јавни информации за лица со попреченост“ финансиран од ЕУ.
Б.Ј.