Дискурзивно – едукативната програма со наслов „Совршениот уметник“, се отвора на 13 мај (сабота) во „Кино Култура“ во Скопје, со почеток во 13:30 часот. Настанот ќе започне со дискусијата насловена „Отворени образовни курикулуми – критички единки и колективи”.
Настанот за прв пат се случува оваа година како дел од биеналната награда „Денес“, која од 2003 година се доделува на млад визуелен уметник до 35 години.
„Идејата на оваа дискусија се можностите на соработка помеѓу едукативните институции и граѓанскиот сектор кои ќе водат кон проширување на капацитетите, иницијативноста и мотивацијата на младите уметници во земјава“, велат организаторите на настанот.
Гости во дискусијата се: Јана Јакимовска (доцентка, м-р, Ликовна академија при УГД Штип), Љуљзиме Лека -Мулаку (професорка, Факултет за уметности – Фигуративна уметност, ДУТ), Слободанка Стевчевска (доцентка, м-р, Студиска програма сликарство, ФЛУ, УКИМ, Скопје) и Ладислав Цветковски (вонреден професор, м-р, Студиска програма графика, ФЛУ, УКИМ, Скопје).
Настанот ќе го модерираат Ивана Васева и Филип Јовановски.
Програмата „Совршениот уметник” е составена од четири модули кои ќе се одвиваат во периодот од мај до почеток на јули годинава, а подразбира серија на работилници, дискусии и предавања, кои преку практично но и теоретско делување со фокус на дијалог, размена на искуства и дебата, ќе имаат за цел да се воспостави општествена инклузија на младите уметници, но и нивната непосредна околина, и да се понудат можности за зајакнување на едукативниот систем во земјава, посебно во визуелната уметничка дисциплина.
Програмата е курирана од Ивана Васева и иницирана како една од програмските целини на организацијата ФРУ – „Факултет за работи што не се учат“ од Битола/ Скопје, во партнерство со Фондација „Фридрих Еберт“ –Канцеларија Скопјe и Центарот за современи уметности – Скопје.