Илјадници луѓе од целиот свет излегоа денеска на улиците, приклучувајќи му се на глобалниот „Женски марш“ против новиот претседател на САД, Доналд Трамп. Главниот протест се одвива во Вашингтон, а како поддршка се организираат околу 600 маршеви низ светот.
Илјадници луѓе од Австралија се приклучија на движењето во Сиднеј и Мелбурн, а марш се одржува и во Окленд и Велингон во Нов Зеланд.
Организаторите на „Женскиот марш“ велат дека омразата, говорот на омраза, нетолеранцијата, дискриминацијата, политичките предрасуди не се само американски, туку глобални проблеми.
„Женскиот марш во Вашингтон ќе испрати храбра порака до новата влада на нивниот прв работен ден, како и до светот, дека женските права се човекови права“, се вели во соопштението на организаторите на маршот, објавено на нивната веб-страна.
Македонија е една од земијите кои денес не се придружија на маршот. Во регионот поддршка на „Женскиот марш“ беше најавена во Косово, Србија, Бугарија, Грција и Словенија.