За прв пат во Македонија свои персонални асистенти ќе добијат 100 лица на возраст од 18 до 64 години, кои имаат потешка или најтешка физичка попреченост или лица со целосно оштетен вид. Лицата со попреченост веќе можат да се јавуваат во центрите за социјална работа со барања за персонални асистенти, а се очекува првите да ги добијат во мај. Тие треба да им помагаат при извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, при посета на високообразовни в институции, неформално образование, професионална рехабилитација или поддршка на работно место.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека со овој чекор се исполнува долгогодишното барање на лицата со попреченост, што треба да придонесе за нивно независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина.
Од организациите на лицата со хендикеп се задоволни од воведувањето на програмата, но бараат во иднина тоа да биде законско решение. За надминување на проблемите на лицата со хендикеп ви е потребен систем, велат, без тоа не може ова да функционира. Персоналната асистенција, посочуваат, е поврзана со голем број други права и треба да биде тесно поврзана и со други сервиси за поддршка кои, пак, кај нас ги нема и треба да се размислува за нивно воспоставување.
Во МТСП очекуваат веќе во мај првите лица со попреченост да добијат асистенти, бидејќи обуките за спроведување на програмата веќе се во тек и се реализираат. Во тек е и постапка за пријавување на невработени лица во Агенцијата за вработување кои сакаат да работат како персонални асистенти.
Паралелно со овој оглас Министерството распиша јавен повик до здруженијата на граѓани да се пријават и да добијат согласност за спроведување на услугата персонална асистенција, а објавен е повик за пројавување интерес за обучувачи за услугата персонална асистенција, со верификувана програма во Центарот за образование на возрасни.
По завршување на овие постапки ќе почне обуката за пријавените невработени лица, во траење од 200 часа, кои ќе бидат поделени на теоретски дел, додека практичниот дел од обуката планирано е да биде со лицата со попреченост кои ќе се пријават да користат асистенција. Лицата со попреченост можат да се пријавуваат во Центрите за социјална работа од 1 април, така што во текот на овој месец ќе може да почнат постапките за утврдување на потребата, исполнетоста на условите, како и да се утврди потребниот број часови асистенција за овие лица, велат од Министерството.
Лицата кои бараат персонален асистент треба да можат самостојно да донесуваат одлуки за идентификација на сопствените потреби и да имаат потреба од најмалку 20 часа асистенција во текот на неделата.
Од Министерството посочуваат дека едно невработено лице може да биде асистент и на повеќе лица, доколку за тоа се согласат и лицата со попреченост кои имаат потреба од асистент и доколку успеат да ги усогласат часовите за асистенција во текот на денот. Личната асистенција, согласно програмата, е ограничена на 80 часови месечно за лице. Потребата и распределбата на часовите ќе биде усогласена со самото лице кое ќе ја користи услугата и согласно утврдената потреба.
Асистентите ќе бидат лица кои поседуваат сертификат за завршена обука за стекнување со вештини за лична асистенција, верифицирана од ЈУ Центар за образование на возрасни. Во Оперативниот план за мерки и услуги за вработување за 2018 година се предвидени средства за обука на 100 невработени лица.
Елена Кочовска од „Полио плус движење против хендикеп“, вели дека персонални асистенти за лица со попреченост е нешто што тие го бараат одамна и оти тоа е можеби еден од клучните сервиси за поддршка во озбезбедување независен живот на овие лица.
– Идејата е одлична и е за поздравување. Добро е тоа што Владата конечно го стави на агенда ова прашање. Во моментов тоа е само пилотирање и како такво е предвидено со програмата, значи не е законско решение. Сметам дека правото за персонална асистенција мора во иднина да биде законски регулирано, може и во состав на Законот за социјална заштита. Она што можеби треба да биде унапредено е да се преразгледат стандардите што се понудени за обезбедување на оваа поддршка што не ги задоволува во целост, односно не е во линија со Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп. Исто така, целосно изоставен е изоставен фактот дека даватели на услуги на оваа поддршка треба да бидат организациите на лицата со хендикеп, вели Кочовска.
Посочува дека оваа пилот програма е добра од причина што ќе видат одреден тесни грла, но вели, не сите, оти по стандардите и правилата на кои е поставена во моментов не лежи на добра основа.
– Прво, идејата за пилот програмата е добра, но во изработката на стандардите не беа активно вклучени лицата со хендикеп. Второ има одредени принципи што ги налага Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп и тие не се целосно имплементирани во тие стандарди, вели Кочовска.
Според неа, спорен е и моментот што начинот како се вршат обуките го изработиле најверојатно некои организации кои даваат услуга за туѓа нега.
– Меѓутоа туѓа нега и персонална асистенција се целосно комплетно различни. Некоја организација можеби давала обука или учела некого како да дава туѓа нега дома на постари лица, но тоа не е еднакво и не може да се изедначи со давање услуга за персонална асистенција на лица со хендикеп, вели Кочовска.
Според неа, персонален асистент треба да има секое лице со попреченост, иако со програмата се избрани лица со тешки и најтешки попречености и целосно слепи лица.
– Претпоставувам дека ќе ги изберат лицата кои се малку повеќе мобилни, од причини што за тие што имаат најтежок вид на хендикеп, во наводници велам – затоа што нема таква формулација во Конвенцијата, не е потребен само персонален асистент, туку се потребни и други сервиси на поддршка, вели Кочовска.
Персоналната асистенција, според неа, е во основа асистенција, поддршка која ја дефинира лицето кому му е потребна, односно тоа кажува во што треба да му помага асистентот.
Треба да се размислува и како ќе се воспостави начинот и мрежата на даватели на услуга, како и да не се отстапува од одредени правила и принципи, бидејќи, потенцира, ако државата избега од тие принципи го нарушува целокупниот систем.
– Затоа како организација стално зборуваме дека за ова прашање, за надминување на проблемите на лицата со хендикеп ви е потребен систем. Без систем не може да функционира. Затоа што персоналната асистенција е поврзана со голем број други права и треба да биде тесно поврзана и со други сервиси за поддршка кои, пак, кај нас ги нема, вели Кочовска од „Полио плус“
За реализација на Програмата издвоени се 17.500.000 денари од буџетот на МТСП. Со воведување на персоналната асистенција ќе се зајакне системот на социјална заштита и ќе се придонесе за практична имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост. Министерството за труд и социјална политика ќе го следи извршувањето на програмата заради планирање на проширување на опфатот и достапноста на услугата во наредниот период.
Од Министерството потсетуваат дека преку Програмата за општинско корисна работа, на почетокот на учебната 2017/18 година, Министерството за труд и социјална политика во соработка со Министерството за образование и наука, обезбеди средства за ангажирање на 106 образовни асистенти и 34 лични асистенти за деца кои посетуваат настава, со што, како што посочуваат, е зајакната и поддршката на децата со попреченост во образовниот процес.
Славица Стефановска
Извор: МИА