Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на 24 јануари за време на брифингот со новинарите.
„Путин е подготвен, чекаме сигнали, сите се подготвени… Доколку има нешто, ќе ве информираме“, рече Песков.
Како што пренесува Кијив индипендент, Песков реагираше и на неодамнешната изјава на Трамп дека ќе побара од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), чиј член е Русија, да ја намали цената на нафтата и дека со тоа војната „веднаш“ ќе заврши, велејќи дека војната не зависи од цените на нафтата и дека наводно се одвива поради „опасноста за Русија и Русите“.
Од Кремљ изразуваат подготвеност да разговара со Вашингтон и за нуклеарно разоружување, но мора да се земат предвид и арсеналот на сојузниците на САД – Велика Британија и Франција, тврди портпаролот.
Москва смета дека забраната за влез на Украина во НАТО е клучен услов за решавање на руско-украинската војна, објави на 24 јануари проКремљ новинската агенција Интерфакс, цитирајќи го рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко.
Трамп претходно изјави дека сака да се сретне со Путин „многу брзо“ по неговата инаугурација. Кремљ ги поздрави коментарите на Трамп, но додаде дека во моментов не се во тек подготовки за средбата
Тимот на Трамп се надева дека брзо ќе започне со работа на план за порамнување што би можел да се спроведе во првите неколку месеци од неговото претседателствување. Состанокот со Путин е дел од планот, според Си-Ен-Ен.
Трамп често изразува симпатии за рускиот лидер додека го критикува нивото на поддршка што претходната администрација на Бајден му ја пружи на Кијив. Ова предизвика загриженост дека новото американско раководство би можело да склучи договор неповолен за Украина.
Подготви: Д. Мишев