По средбата со американскиот претседател Џо Бајден, рускиот претседател реши да одржи прес конференција, која во живо ја пренесоа најголемите светски медиуми.
Претходно, Белата куќа соопшти дека состанокот меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин завршил по четиричасовни разговори. Видео снимките по состанокот го прикажаа Бајден како излегува од вилата крај Женевското Езеро каде што се одржа состанокот, објави Радио Слободна Европа.
Самитот доаѓа во време кога односите меѓу Русија и САД се на најниско ниво од Студената војна и само неколку месеци откако Бајден рече оти верува дека неговиот руски колега е убиец.
Првата рунда разговори меѓу Бајден и Путин во Вила де ла Гранж во Женева траеше 90 минути и присуствуваа само претседателите, двајцата министри за надворешни работи Ентони Блинкен и Сергеј Лавров и двајца преведувачи. Средбата потоа продолжи во поширок формат со делегации од двете земји.
Бајден пред состанокот рече дека станува збор за дискусија меѓу „две големи сили“ и оти секогаш е подобро да се сретнат во живо. Путин изрази надеж дека разговорите ќе бидат продуктивни.