ЏАБИР ДЕРАЛА
Само оние што се целосно неуки или наивни, не гледаат дека Данела и Мицкоски доаѓаат од една иста структура. Тие меѓусебно се фатија со „рачињата во медот“. Тендерот од 136 милиони евра (речиси 8,5 милијарди денари) е „само“ еден дел од „пленот“ околу кој паднаа толку тешки зборови и меѓусебни обвиненија. Влијанија, позиции, моќ, други тендери… Значи, Мицкоски и Арсовска се „спукаа“ околу многу поголема тегла со мед. Во меѓувреме, главниот град тоне меѓу танцот на кобрата и боливудската сапуница што ни ја прикажува Вмро.
Толку се распука тиквата, што дури и Оливер Андонов (или „министерот за еден ден“) и неколку други лузери се полакомија за тронот на Мицкоски. „Игранката“ е, сепак, многу поголема од тендерите и моќта што ги носи градската власт. Како и во секоја друга приказна поврзана со вмровците, така и во оваа, „рачето“ на Груевски е најблиску до прекинувачот со кој се пали и гаси светлото во Белата палата.
Тронот на домаќинот на Груевски во Будимпешта сериозно е разнишан. Европа му прави сѐ поголем притисок на Орбан и во овој период го удри таму каде што сите нив најмногу ги боли – парите. Институциите на ЕУ, следејќи ги нарушувањата на владеењето на правото, бидејќи Унгарија „веќе не е вистинска демократија“, се заканува со „суспензија на европските фондови“. Путин ја губи војната, Русите панично заминуваат од државата, трошејќи ги последните заштеди на авиобилети чија цена вртоглаво скокна од мигот кога тој прогласи „делумна мобилизација“.
Состојбата на режимот на Путин е правопропорционална со позициите на секој диктатор во Европа (и пошироко), сегашен, иден или во бегство (како „нашиот“ Груевски).
Затоа, на Груевски итно му требаат подобри позиции во неговата родна земја, а тоа зависи и колку неговата партија е стабилна, силна и – сложна. Тоа, ни по пет години, не му успеа на Мицкоски да го обезбеди. Затоа, тој го испраќа „свилениот гајтан“ од Будимпешта. Преку Данела. Таа е долгогодишна лојална соработничка на Груевски. Како таква, меѓу сите други придобивки и „расадници“, Данела ја доби и позицијата на почесна конзулка на Унгарија. Во Штип, се сеќавате?
Целата сапуница не изгледа ни малку наивно, но зад кулисите се кријат уште многу играчи. Фрлете поглед и на (пре)групирањата во медиумите, како новинарите и уредниците „наивно“ ѝ даваат предност на едната или другата страна. И следат уште нови епизоди, во која и медиумите, а и дел од невладините организации ќе имаат своја помала или поголема улога. Што се однесува до Данела, ако ја изгуби битката, Груевски ќе ја жртвува како пион за коњ. Па од густото мочуриштето ќе „испливаат“ и нови пиони во „играта на тронови“ во Белата палата. Некои од нив веќе сега се наѕираат среде густите испарувања, некои сѐ уште се под краставата површина.
Но…
Ова е политички трилер со трагикомични пресврти во кој нема публика. Сакале-нејќеле, сите учествуваат, макар и како статисти – даночни обрвзници, гласачи, апстиненти, неутралци и партиски пешадинци. Кој мисли дека може само да фаќа сеир, може лесно да се изгори.