ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Иако по дефиниција Денот на слободата на медиумте претпоставува анализа на односот меѓу државата и средствата на јавна комуникација, постојано може да се забележи дека обично е тоа прилично редуциран простор за анализа. Имено, кога за последен пат сте виделе на некоја дебата да се соберат главните уредници на медиумите кај нас? Уште помалку кога сте ги виделе сопствениците на медиумите во некаков јавен дискурс?
Овие прашање се битни – постојат многу форми преку кои новинарите, пролетерите во сферата на јавните комуникации, расправаат за разни димензии на темата која произлегува од постоењето на овој ден – 3 Мај, воведен од страна на ОН во 1994 година.
Но, би сакале секако да ги видиме најнапред газдите, единствените значајните фактори во кампусот на медиумите, кои се речиси анонимни, и кога некој листа весници или го вклучува радиото и телевизијата, најнапред се подготвени да критикуваат или поздравуваат одредени новинарски имиња и не се гледа ниту тоа кој е уредник, а камоли да се мисли на тоа од каде се финансира медиумот и од каде се води издавачката политика (не издавачка во буквален смисла, кој важи за весниците) и од каде се менуваат главните уредници, на пример.
Оттаму, произлегува дека ние не ги имаме вистинските адреси кога разговараме за било која димензија за 3 Мај и неговото значење. На пример, што да помислиме за тоа ако некој газда гради по втор пат бесправно некој голем објект, на тоа очајно ја потсетува државата Антикорупциската комисија а тој поседува значаен медиум? Дали тој смета на можниот притисок што може да го прави преку „брифирање“ на јавното мислење против државата или некои нејзини органи?!
Или кога еден наш исклучително богат човек, во меѓувреме и суден, јавно поседува некои новинарски имиња кои слободно добиваат простор да го бранат неговиот интерес, простор каде тој ќе посака и во обем што во тој момент му е нужен? Се додека не говориме за тие генератори на невољите во медиумскиот простор, ние всушност разговараме во празно или воопштено пред, за време или посла 3 Мај.
Текстот е напишан по покана од ЦИВИЛ, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.