По обвинувањата дека се кодоши, упатени кон „реформаторите“ на ВМРО-ДПМНЕ од одделни сопартијци,, бидејќи наводно, дел од нив сведочеле во Специјалното јавно обвинителство, иако како сведоци се повикани околу 1.200 членови на партијата, Петар Богојески од Републичкиот штаб за реформи на ВМРО-ДПМНЕ, на ТВ Телма изјави дека најмалку осум функционери од раководството на партијата, блиски до лидерот Никола Груевски, се заштитени сведоци на СЈО!
„Во СЈО ниту еден заштитен сведок не се заведува со име и презиме, туку со псевдоним. Никој од реформаторите не е заштитен сведок, и затоа нека бидат релаксирани, никој од нас не е сведок. Нашата иницијатива е да ја заживееме партиската структура, за да победиме на изборите. Во последниве години, услов за напредок во партијата е кој повеќе ќе искодоши некого“, рече Богојески.
Како реакција, Дијана Транталовска, една од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, на Фејсбук му се обрати на Богојески нарекувајќи го предавник на својот род.
„Удираш по партијата тогаш кога се води политички монтиран процес против 100 луѓе од партијата. Твојата најголема тага е тагата по функции. Ова е добра прилика да се исчисти партијата од дивото месо и предавниците како што сте вие“, напиша Транталовска.
М. И.