„Сметам дека Македонија заслужи безусловен старт на преговори уште во периодот 2009 – 2011 година. Зошто? Затоа што уште тогаш беше на ниво на подготвеност да започне преговори како и сите претходни земји коишто започнаа преговори за членство во Унијата. Зошто беше важно во 2011 година да се даде почеток за преговори за земјата? Затоа што оставањето на земјата да чека имаше и се уште има влијание на нејзината мотивација да работи на европските интеграции и на европската агенда. И особено влијае на административниот капацитет на земјата за подготовка за членство. Ова беа главните аргументи коишто Центарот за истражување и креирање политики и Европската иницијатива за стабилност во периодот од 2009 до 2011 ги користеше за лобирање во европските институции да дадат датум за преговори и покрај блокадата на Грција“, изјави Марија Ристеска од ЦРПМ на конференцијата Макеоднски перспективи: Како до Европа?, во организација на ЦИВИЛ и МЦМС.
„Она што го добивме тогаш беше само повисоко ниво на дијалог за пристап. Овој дијалог беше гледан како процес којшто можеше да ги премости преговорите, односно почетокот на преговорите. Но, искуството со овој дијалог ни покажува дека истиот не ги заменува преговорите и тоа е значајна лекција за сите нас од експертската заедница затоа што не учи дека патот кон почеток на преговори за ЕУ членство нема да ги замени преговорите.
Ова е особено значајно затоа што на 28 јуни Европскиот совет, во заклучоците ја задолжи Европската комисија да подготви преговори, но не ја задолжи да подготви рамка за преговори што е клучно за отпочнување на преговорите. И затоа треба објективно и со критика да ја гледаме оваа одлука на Европската Унија. Истата ја ценам дека е резултат на длабоката криза, внатреполитичката динамика во Унијата, како и претходните одлуки коишто комисијата и советот ги имаа во однос на Македонија, а кои беа израз на таа внатрешно политичка поделеност во Унијата“, истакна Ристеска.
Ристеска укажа на сите обврски што и престојат на Македонија за сериозно започнување на процесот на преговори со ЕУ, пред сè од областа на законодавството. Таа упати загриженост и за административниот капацитет на Владат да си подготви за преговорите. Според Ристеска, има огромен одлив во стручниот кадар на администрацијата што се обучени и можат да земат активно учество во преговорите за ЕУ, особено оние што се од секторот за европски прашања.
„Мислам дека ЕУ прогрес извештајот многу добро оценува дека пазарот и бизнисот нема да го издржат притисокот на ЕУ и дека ова треба да биде најголема грижа за Владата затоа што никој не знае ништо за ЕУ бизнис секторот и мислам дека сè уште не се сите свесни дека ќе треба или да бидат истиснати или затворени во скоро време со почетокот на преговорите и зачленувањето во Унијата“, изјави Ристеска.
Конференцијата е дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“ што ЦИВИЛ го спроведува со поддршка на Федералното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Биљана Јордановска