„Тоа што многу загрижува е што од минатата година Метаморфозис стана цел на организиран напад на социјалните мрежи, кој се состои од објава на слики во форма на некролози и повици на насилство. Тоа трае веќе седум месеци. Јавно обвинителство нема никаква реакција, а кампањата продолжи и уште трае. Не сите луѓе на фотографиите се новинари, кои не се навикнати така да бидат ставени во јавноста и обвинувани“, изјави Горан Ризаов од Метаморфозис, на дебатата на ЦИВИЛ „Црната пропаганда против граѓанското општество“.
„Реакција уште нема, се надевам дека тие повици на говор на омраза нема да станат реалност и дека институциите ќе реагираат пред тоа да се случи. Најголемата причина поради која ги добиваме овие закани е нашата соработка со Фејсбук, односно проверката на факти. Зошто? Бидејќи влијае врз нивниот опсег на ширење на дезинформации. Тоа е осмислен напад, каде покрај новинарите се ставени и другите луѓе само за да се влијае врз нивната работа. Тоа не окуражува уште посилно да работиме и да ги разобличуваме овие дезинформациски наративи. Иако, имам чувство дека сме оставени сами на себе, немаме поддршка од институциите, од јавното обвинителство“, посочува Ризаов.