Вчера на полноќ истече рокот за собирање потписи за поднесување листи за независни кандидати за градоначалници и советнички листи. Се очекува Општинските изборни комисии во текот на денот да излезат со информации колку од пријавените независни кандидати за градоначалници и советнички листи ги собрале потребните потписи.
Потписи собираа 27 кандидати за градоначалници и 48 советнички листи пријавени во некоја од 80-те општини во Македонија.
Рокот за поднесување на кандидатури истекува на 14 септември и за независните и за кандидатите кои ќе бидат поддржани од политичка партија. Оние кои собирале потписи за независни, во тој период имаат право да се премислат и да се пријават како кандидати на некој политичка партија.
Што се однесува пак, до вчерашната седница на ДИК, се разгледаа барањата за неприфаќање извршување на должност претседател, заменик претседател член и заменик член на општинска изборна комисија и вршеше случаен избор за истите позиции чии барања за изземање беа прифатени од ДИК, а се разгледуваше и „Прирачникот за едукација на членовите на општинските изборни комисии и изборната комисија на градот Скопје“, „Прирачникот за едукација на членовите на избирачките одбори“ и „Џебен водич за избори за градоначалник и членови на совет на општините и градот Скопје“.
Сите овие документи се очекува да бидат достапни и во електронска форма на веб страницата на ДИК, со цел и јавнсота да има увид во надлежностите на ОИК и ИКГС и ИО.