Неколку десетици руски активисти денеска организираа митинг на Прешерновиот плоштад во Љубљана за да ја изразат својата поддршка за Украина, пренесува новинската агенција СТА.
Тие порачаа дека руската воена агресија мора да заврши и дека Русите мора да се спротивстават на режимот на претседателот Владимир Путин.
Движењето на руски граѓани во Словенија, Слово, кое се спротивставува на руската агресија и владеењето на Путин, истакна пароли на кои пишува „Денес Украина, утре Словенија“, „Путин е окупатор и терорист“ и „Стоп за војната“.
Верувањето дека сите Руси ја поддржуваат војната во Украина е заблуда. Ние сме отворено против режимот на Путин и неговата пропаганда во Европа. Ја поддржуваме борбата на украинскиот народ против руските окупатори, изјави претставникот на движењето Дмитриј Грамотник на собирот по повод годишнината од руската инвазија на Украина.
Движењето ја повика словенечката Влада да работи на испраќање поголема хуманитарна помош и оружје во Украина.
Русија мора да биде прогласена за терористичка држава и да се заострат санкциите против неа, порача Грамотник и ги повика Словенците да не му веруваат на Путин.
Не верувајте во неговата пропаганда и вести. Целта е да се продолжи војната што се води само поради Путин. Единствена цел е тој да остане на власт, рече тој.
Според Грамотник, војната може да заврши само со воена победа на Украина. Коментирајќи ги повиците Русија да се стави на листа на држави спонзори на тероризмот, министерката за надворешни работи Тања Фајон истакна дека нема правна основа Русија да се стави на „никаквалиста“.
Всушност, ова ќе ја зајакне Русија со тоа што нема да биде можно да се истражат сериозните злосторства што ги извршува во Украина, поради што многу земји денес не сакаат да го сторат тоа, додаде таа.
Одговарајќи на иницијативата на опозициската партија СДС за усвојување таква резолуција, Фајон претходно изјави дека секоја иницијатива за ставање на Русија на листата на земји кои го поддржуваат тероризмот значи казнување на целиот руски народ, пренесува словенечката агенција.