Шумската полиција последен пат добила униформи од државата пред 11 години. Обновувањето на униформата не е мал товар со ниската плата што ја добиваат. Полицијата и армијата не се во многу подобра позиција – стари униформи и обувки, ниски плати, неисплатени дневници за прекувремена работа. Безбедноста на земјата е на колена. Насилници, терористи и тешки криминалци напредуваат во службата, а чесни, посветени и професионални кадри се уназадуваат.
Малиот Фетах, кој низ солзи ја раскажа немаштијата на своето семејство, ја разбуди хуманоста на луѓето. Тие се организираа на социјалните мрежи и му помогнаа на семејството. Една третина од населението на Македонија е сиромашно и често нема пари ни за леб.
Социјалните служби и агенцијата за вработување сè уште се дел од партиската машинерија на криминалната власт. Да, власта сè уште ја има ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со Ѕинго и Ахмети. Овој вториов си обезбеди место и во новата власт која е само бледо-формална. Останатото е во рацете на братучедите на чело на фашо-мафијата.
Апаши, насилници и убијци ни шетаат пред носот. На бегалецот од законот, Кочан, потерницата од грбот му ја симна Врховниот суд. Судството во Македонија до вчера изрекуваше притвор и пресуди со долги затворски казни за невини луѓе и политички неистомисленици. Или за украдени ќебапчиња. Сега судииве ослободуваат тешки криминалци кои украле милиони токму од оние што ги плаќаат и судиите – граѓанките и граѓаните на оваа земја, истите кои живеат сè помизерен живот. Знаете што? Тие судии треба да бидат уапсени за опструкција на правдата, во првиот миг кога ќе завладее правото во Македонија. Кој ќе им прости, соучесник е. Овие денови ќе ви раскажам како си поминав јас на суд со ѕингоидите. Горко ќе се смеете. Ама судијкана нема да се смее, сигурен сум.
До колена се во крв и тешки свињарии, разголени се и разобличени. И уште се на власт, фактички. Нема зошто да им се дозволи ни една минута владеење со животите на луѓето. Речиси пола година помина. До крајот на мандатот остануваат уште три и пол. Во „идеални“ услови. Затоа, кажав многу пати и пак ќе извикам: Нема време за „стратешко“ чекање! Автократскиот режим е на колена, криминалците се разобличени. Што чекаме?