Се укинуваат казнените одредби за регулација на професијата по предлог на Здружението на новинари на Македонија, соопшти Владата.
„На јавната дискусија за измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во организација на Министерството за информатичко општество и администрација , претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Насер Селмани, ги претстави своите предлози во врска со предложените глоби за член 61 од Законот за АВМУ. Во текот на дискусијата и министерот Дамјан Манчевски и министерот Роберт Поповски, јасно истакнаа дека забелешките на претседателот на ЗНМ се прифаќаат и дека измените во членот 61 од Законот ќе се укинат“, стои во владиното соопштение.
Последната верзија од Законот за АВМУ која ќе влезе во собраниска процедура, ќе биде добиена како резултат на препораките и забелешките на сите засегнати страни.
„Одлуката за бришење на измените во членот 61, во текот на вчерашната јавна дебата беше поздравена и од претседателот Селмани, кој јавно потенцираше дека е задоволен што е прифатена неговата забелешка. Поради тоа, изненадува, денешната изјава на Селмани, каде тој повторно ја обвинува Владата дека со измените во законот за АВМУ, се обидува да ги контролира медиумите“, се вели во соопштението.
Од Владата нагласуваат дека доколку медиумските работници одлучат дека не се потребни измени за Законот за АВМУ, таа нема да инсистира на измени.