„Во мултиетничко, мултиконфесионално и мултикултурно општество како нашето, добрите односи меѓу заедниците се од витално значење за безбедноста и сигурноста и се неопходни за функционирање и развој и за иднината на земјата. Ова не е само флоскула која што ќе ја чуете во говорите на политичкарите или во говорите и јавните настапи на сите оние коишто му сакаат добро на општеството. Ова е факт и тој треба да се земе како основна премиса кога се постапува во ова поле“, истакна претседателот на Здружението „ИМА“, на конференцијата на ЦИВИЛ „Односи меѓу заедниците: Перцепции, надежи и стравови, предизвици и решенија“
„Ние немаме само диверзитет од аспект на етничката, верската, културната, припадноста на разни социјални групи, туку тој мозаик на различности којшто го третираме како богатство е исклучително важен воопшто за опстанокот на земјата и за нејзиниот иден развој“, додаде Сарачини.
Сарачини истакна дека мониторингот на ИМА во оваа област бележи дека постојат поединици или групи кои поттикнуваат поделби, поларизација, омраза и конфликти меѓу заедниците, што некогаш прераснуваат и во насилство. Тој додаде дека не се само во прашање политичките партии, туку и тие се и во медиумите, културата, образованието.
„Политичките партии како главни произведители на дискурсот на поделби и поларизација сносат голема вина, но имаат и голем потенцијал да ја сменат оваа слика. Имаме политички партии во земјава, коишто продуцираат постојано наративи на поделба, наративи на етнонационализам. Кога сакаат, политичките партии како со копче можат да ги угасат овие наративи на поделби и да продуцираат еден поконструктивен дискурс. Мислам дека е клучно политичката волја да биде на страната на овој концепт“, изјави Сарачини.
Б. Ј.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети