Владејачките СДСМ и ДУИ и натаму се спротиставуваат на барањето на опозицијата за брзи избори на пролет и нова Влада што ќе се зафати со решавање на економската и енергетската криза.
-Не може да биде изговор на ВМРО-ДПМНЕ дека се скарале со градоначалничката, која што е нивни кандидат, тие одеа по Скопје да ја промовираат, не одев јас, и сега да кажуваат ние се скаравме, ама за да можеме добро да го управуваме Скопје, ни требаат парламентарни избори. Тоа не поминува. Нека се фатат за работа за да можат да профункционираат општините.- Димитар Ковачевски.
На иста линија со Ковачевски е и лидерот на ДУИ, Али Ахмети според кој избори во моментов не се решение, а државата треба да се фокусира на скринингот и продолжување на преговорите со ЕУ. Ахмети негираше дека преговорите со Алијанса за Албанците за влез во Владата се за зајакнување на позицијата на ДУИ откако т.н. „огнена група“ и откажа доверба на неговата партија. Вели преговорите се за европската иднина на Македонија, но не откри дали и кои министерски места би и ги остапила ДУИ на партијата на Таравари.