СДСМ се пофали со резултатите од пилот-проектот на Владата „Гаранција за млади“. Во последните три месеци се вработиле 419 лица, 196 почнале со обуки, а 160 почнале пракса во некоја компанија.
Проектот се спроведува во Струмица, Гостивар и Скопје и во него да сега се вклучени 1532 невработени лица до 29 години.
„Целта на оваа мерка е младите да добиваат квалитетна понуда за вработување, натамошно образование, стажирање или практикантство. Сите овие се клучни за успешното интегрирање на младите во пазарот на трудот и намалување на одливот на образован кадар од земјата“, се вели во соопштението на СДСМ.
Од СДСМ додаваат дека од 2019 година „Гаранција за млади“ ќе биде активна мерка за вработување, обука, тренинг и пракса за младите во Македонија.
Гаранција за млади е активна мерка за вработување на млади лица која се спроведува во државите од Европската Унија. Но, иако нашата земја сеуште не е членка на ЕУ, Владата започна со воведување на „Гаранција за млади“,и следење на европските младински политики со цел отворање на можностите за младите во Македонија.
Но, опозицијата експресно реагираше на фалењето на СДСМ, дека всушност Владата ги излажала младите и ги оставила без перспектива, воедно понижени, затоа што ветила вработување на 600.000 иселени млади лица. Во меѓувреме според опозицијата бројката на иселени дополнително се зголемила.
„Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Рената Десковска и Стефан Богоев ветуваа дека младите по завршување на своето образование ќе добијат понуда за вработување, практиканство или дообука и тоа како проект кој ќе го реализираат уште во првите шест месеци од новата влада. Помина повеќе од една година, а ни трага ни глас од овој проект“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
И нормално, како и по секое друго прашање, опозицијата и во оваа гледа уште еден чекор за тонење на државата.
Или, со нивни зборови: „ Секогаш кога мислиме дека со СДСМ го допревме дното, тие не уверуваат дека може и полошо“.
И додека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се расправаат за тоа кој ѝ мисли на Македонија подобро, во однос на економијата, името, образованието, корупцијата, во овој случај, младите, во фокусот на нивните настапи во јавноста, е сепак, интересот на граѓаните. Сите граѓани.
И како и секогаш, се наметнува прашањето дали станува збор за истите, сите, граѓани, кога станува збор за партиските препукувања.
Б. Јордановска