УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Она, пак, што изгледаше како некакво остварливо решение, поддржано од студиите на странските кредитори и домашните стручњаци ангажирани за негова изработка – проектот „Бас рапид транспорт“ – Данела Арсовска го отпиша со, буквално, една и пол реченица на фејсбук. Следуваа и дополнителни штури објаснувања од Градот за стопираниот тендер на ЕБОР. Колку што разбравме, проектот ќе произвел еколошки проблеми, некои водоводни цевки ќе морало да се решаваат, ќе се уништеле розите, грмушките и темјанушките што сега се насадени на трасата на проектот, а и не бил своевремено изгласан од Советот на Градот., читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Средината не ѝ прилега на Арсовска“
Не е проблемот во тоа дали според закон градоначалниците имаат право да именуваат директори на јавни претпријатија, или директори на училишта. Градоначалниците ја имаат таа надлежност. Го имаат тоа право. Според закон.
Проблемот е во тоа што во законот се точно наведени причините заради кои може да биде разрешен директор на јавно претпријатие или на училиште.
Значи, дадената надлежност градоначалникот да именува директори не е доволен основ за тој да може кога сака и по свој ќеиф да ги разрешува. Мора (читај: МОРА) да е исполнета барем една од причините наведени во законот, и тоа да биде докажано и утврдено во соодветна процедура. Сè друго е политичко самоволие, многу често значи казнување на доброто работење, и во секој случај значи злоупотреба на дадените ингеренции (што може да биде основ за кривичен прогон).
Уште поголем проблем е што после ваквиот вид разрешување секогаш (читај: СЕКОГАШ) следи партиско именување, пишува Мирјана Најчевска во колумната „Гробари на правото“.
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
НАСТАНИ
СЕДНИЦА: Собранието на Северна Македонија денеска треба да ја одржи 57. седница на која меѓу точките на дневен ред се и измените на Законот за работни односи во второ читање со кои се предвидува недела да биде прогласена за неработен ден.
Предложеното законско решение е ставено како втора точка, а според образложението, одредбите од законот треба да почнат да важат од 1 јануари.
Пратениците ќе расправаат и за други законски решенија меѓу кои и за измените на Законот за основно образование, за законите за финансиска поддршка за намалување на на последиците предизвикани од пандемијата врз производството и откупот на земјоделските производи и врз производството и откупот на грозјето. Собранието треба да се изјасни и за Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата во меѓународната операција „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.
Како последна точка на денешната седница е ставен Извештајот на Европската унија за напредокот за земјата за 2021 година.
ПОСЕТА: Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе го пречека министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој ќе престојува во еднодневна работна посета на нашата земја.
Како што информираат од Министерството за надворешни работи, во фокус на разговорите ќе бидат севкупните билатерални и економско-трговски односи, како и актуелните политички случувања со акцент на последните заклучоци донесени на декемврискиот Совет за општи работи на Европската унија
КОМИСИИ: Во Собранието денеска се закажани седници на четири комисии. Ќе заседаваат Комисијата за европски прашања, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за одбрана и безбедност и Законодавно-правната комисија.
Пред членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците е Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2020 година, а Комисијата за одбрана и безбедност ќе ги разгледа Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата во меѓународната операција на Европската унија „Алтеа“ во Босна и Херцеговина и Предлог-резолуцијата на миграциската политика 2021-2025 со Акциски план.
Овие две точки за кои ќе расправа Комисијата за одбрана и безбедност се на дневен ред и на Законодавно-правната комисија.
Комисијата за европски прашања ќе одржи две седници. На едната на дневен ред се повеќе закони во второ читање меѓу кои Предлог-измените на Законот за лична карта, дополнувањата на Законот за матичен број, измените на Законот за државјанство и на Законот за патни исправи. Попладне, Комисијата ќе одржи уште една седница на која на дневен ред, според веб страницата на Парламентот, се Предлог-законот за финансиска стабилност и измените на Законот за репродуктивен материјал од шумски видови дрва.
СВЕЧЕН СОБИР: Во рамки на одбележувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ по повод 100-годишнината од раѓањето, во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска ќе се одржи свечен собир.
Свечениот собир е составен од два дела. Во првиот дел, како што најави МАНУ, ќе се обратат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски, секретарот на ОЛЛН – МАНУ и раководител на проектот „Критичко издание на целокупните дела на Блаже Конески“ Катица Ќулавкова. Со омаж за Конески ќе се претстават Зузана Тополињска и Влада Урошевиќ.
ПАНЕЛ: Панел дискусија на тема „Важноста на волонтирањето, предизвици и визија за иднината“ ќе се одржи денеска во седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Настанот е во организација на Волонтерски центар Скопје, кој по повод 15 години од неговото формирање во декември кога се празнува и Меѓународниот ден на волонтерите, организира низа настани поврзани со промоцијата на придобивките од волонтирањето и ставањето фокус на волонтирањето како значаен процес и важна нишка во заедницата.
СРЕДБА: Државниот завод за ревизија денеска организира работна средба на тема „Државен завод за ревизија и засегнати страни“, што се реализира во рамки на проектот „Поддршка за имплементација на Стратегијата за комуникација на Државниот завод за ревизија“ кој ДЗР го спроведува со Фондацијата за демократија на Вестминстер (WFD) и во соработка со Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС, финансиран од Министерството за надворешни работи и развој на британскиот Комонвелт.
На настанот ќе бидат презентирани досегашните активности во рамки на проектот во насока на зголемување на транспарентноста, отчетноста и видливоста на Државниот завод за ревизија, можностите за подобрување на меѓусебната комуникација со засегнатите страни и ќе биде промовиран видео материјал како новитет во комуникацијата на Државниот завод за ревизија.
СТУДЕНТИ: Министерството за образование и наука информира дека од денеска до 31 декември повторно може да се аплицира за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк.
– Можат да се пријават сите студенти кои ги исполнуваат условите согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, но не успеале да се пријават и/или да го остварат ова право во првиот и вториот рок. Оваа можност ќе биде достапна секој месец и тоа од 20ти до 30ти, односно 31-ви во месецот, стои во соопштението од МОН.
Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев