Скопје 2014 не треба да се демонтира и урива. Не, сè уште. Барем не до крајот на читањето на овој РАФАЛ. Скопје 2014 е доказен материјал. Највидливиот, најробусниот, а секако и најгрдиот доказ за едно фашизоидно владеење… Такво изопачено однесување и силување Скопје, веројатно, не доживеало од раката на силници, како што тоа е токму овој „проект“.
Единствена споредба со катастрофа предизвикана од човечка рака, може да се направи кога австрискиот генерал Пиколомини го запали Скопје во 1689 година, за ѝ се одмазди на Отоманската Империја за опсадата на Виена. Или, можеби да го спречи ширењето на колерата која таа година го зафатила градот…
Скопје 2014 е понижување за сите граѓанки и граѓани на Македонија. Оваа налудничава и грандоманска гротеска е навреда за жените, најексплицитен доказ за ставот на Груевски и бандата за тоа каде (не) ѝ е местото на жената во општеството. Сабји, пушки, пиштоли, коњи и лавови го придружуваат ултра милитантниот сон на болно амбициозниот автор на идејата за ова лудило.
Неуспешниот актер и боксер, задава и успешен аперкат врз меѓуетничките односи, го подели општеството на долг рок, видливо и остро. Тоа е директно и дрско фалсификување на историски факти, за да се оправда налудничавата политика заснована на антидемократски определби и насилништво. Преку овој мизерен и лош проект, Груевски се пресметува и со патриотите, оние што загинале во борба за слобода и правдини. Кољачи и предавници, контроверзни ликови и многу, ама неиздржливо многу кич и бесмислици – тоа е проектот на Груевски, најочигледниот атак врз слободата, немиот портпарол на неговото владеење. Да, Скопје 2014 е порака, обид да се влее страв и стравопочит. Крајна ароганција и самоволие, извитоперено уживање во нискоинтелигентното сфаќање на убавото, неконтролирано истурање пари за кич за кој се мисли дека е раскош… Срам и навреда.
Затоа, Скопје 2014 не треба да се демонтира до мигот кога целосно ќе се истражи колку пари се украдени од нас за да нè понижи и навреди, да се разобличи корупцијата и кршењето на законите… Цената на заздравувањето од мегаломанијата и фашизмот нема да чини пари, ако тие што, по пат на манипулација со законите и со криминал, платат за своите престапи. Ете… Сега, може да се почне со демонтажата.