ЦИВИЛ денеска од 14 часот во центарот на Скопје (кај преминот Палета) ќе постави инфо штанд на кој граѓанките и граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со проектот „Граѓанска повелба: Што има тука за мене?“.
Покрај можноста да се запознаат со Граѓанската повелба како глобална рамка за граѓанско учество и реафирмација на човековите права и слободи, Скопјанки и Скопјани ќе имаат можност и да ја потпишат повелбата.
Овој документ го истакнува барањето за почитување на првата за слободно изразување, за мирни собири, здружување и создавање услови за граѓанско учество и влијание врз јавните политики и донесувањето политички одлуки на локално, национално и глобално ниво. Со свој потпис или со пополнување на онлајн петицијата, луѓе од целиот свет ја искажуваат својата поддршка за Граѓанската повелба.
ЦИВИЛ е прва организација – носител на овие активности во Македонија и во поширокиот регион, а беше и меѓу првите педесет организации во светот кои го поддржаа овој документ, на светската конференција „Глобални перспективи“ во Берлин, 2016 година.
ЦИВИЛ го преведе овој документ на повеќето јазици кои се говорат во Република Македонија и ги достави до сите меѓународни организации кои ја предводат оваа глобална иницијатива. Дел од овие повеќејазични материјали на ЦИВИЛ се веќе објавени на повеќе веб-страници низ светот.
Покрај инфо-штандот, ЦИВИЛ ќе спроведе анкета меѓу граѓанките и граѓаните на Скопје за тоа колку се запознаени со своите права да учествуваат активно во донесувањето на одлуки на локално и национално ниво.
ЦМ