Слободна зона денеска со Зоран Иванов, Џабир Дерала и Бранко Тричковски:
„Се чини дека и за Скопје и за Софија, „белиот“ пат за Брисел води преку „црната“ листа на Вашингтон. На релација Софија – Скопје – Брисел, претстои интензивно дипломатско лето и динамична легислативна есен. Но, засега останува отворено дали медијаторите ќе останат зад завесите на мистичната тајна дипломатија, или пак некои европски дипломатски мултикултиватори и по некој американски дипломатски булдожер, сепак ќе ги видиме на јавната дипломатска сцена.“, пишува Зоран Иванов во „Скопје – Софија виа Вашингтон“.
„Отвораме нова фаза во развојот на медиумската платформа на ЦИВИЛ која во наредниот период ќе стане уште поголема и уште повлијателна. Затоа, во овој Едиторијал, сакам да ги потсетам сите поддржувачи и членови на ЦИВИЛ како организација, како и на сите учеснички и учесници во активностите на нашата организација, дека нашиот медиумски простор е отворен за секој што сака да даде свој придонес.
Тоа може да биде пријава на случај на кршење на човековите права и слободи, корупција, дезинформации и говор на омразата, изборни нерегуларности. Исто така, добредојден е секој што сака да објави став, анализа или коментар на одредена тема, особено ако таа е соодветна на нашите програмски и организациски заложби. Нашиот Тим за координација и Редакцијата им се на располагање на сите заинтересирани да ја искористат шансата да придонесат кон креирањето на политиките во нашето општество“, пишува Џабир Дерала во денешниот ЕДИТОРИЈАЛ „Платформа за сите храбри, паметни и активни граѓанки и граѓани“.
„Бугарија ќе отиде уште подлабоко во тоа квасење. Веќе е легната како валкана чорапа во легенот со свински сапун. Дури и да не дојде ред да се чука со пирајки, општеството ќе се подисчисти, но исто така по цена на многу време и многу загубени шанси. По цена на многу штети. До моментот кога нема да знае што сакала да прави во Македонија, со Македонија и со себе. До таа мерка ќе биде десубјективизирана. Тој процес е почнат и многу силно напредува. Нацијата ќе се атомизира, кретенизира, излудува, корумпира, циркузира, до нивото од кое времето пред блокадата ќе ѝ се чини како периклово“, пишува Бранко Тричковски за Фронтлајн во колумната „Косовизација на Македонија“.