Во Слободна зона денеска колумни на Сашо Орданоски , Мирјана Најчевска, Јове Кекеновски и Брза пошта од Зоран Иванов
Познато е дека кога се уплашени или кога се многу вознемирени, некои луѓе лесно запаѓаат во состојба на параноја, психолошки феномен проследен со фиктивен нагон на гонење, теории за конспирации и ирационалност од најразличен вид. Тоа е состојба на психоза што се лечи. Потребен е совет од стручни медицински лица – слични на оние кои сега се „дават“ по болничките ходници и коридорите на социјалните мрежи. Аман, луѓе, побарајте совет, никогаш не е предоцна да си помогнете, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Паранојата се лечи, побарајте стручен совет!“
Сè додека се носат закони со кои се обезбедува интерес на некој во или близок до власта (а се очигледно спротивни на интересите на голем број граѓани), сè додека осомничени и осудени за криминални дејствија од позиција на власт може да се бранат од слобода со користење на парите кои се стекнати додека биле на позиција на власт, сè додека застаруваат случаи против високи функционери во власта и сè додека осомничени за големи прекршувања на законите може да бидат дел од власта, криминалот во Македонија ќе се исплати, а борбата со криминалот ќе биде само обична фарса со која се залажуваат граѓаните., пишува Мирјана Најчевска во колумната „Зошто цвета државниот криминал во Северна Македонија?“
И покрај многубројните најави дека новата влада ќе има стабилно мнозинство, сепак тие не се остварија. Во неделата пред полноќ од вкупно 120 пратеника „за“ новата влада предводена од премиерот Димитар Ковачевски гласале 62 пратеника, додека 46 биле „против“, а воздржани немало. Ова значи дека за новата влада гласале само 108 пратеници, додека не гласале или воопшто не се појавиле на седницата вкупно 12 пратеници. Овие бројки јасно покажуваат дека обезбеденото парламентарно мнозинство во кое партиципираат СДСМ со коалиционите партнери, ДУИ и Алтернатива повторно е на стаклени нозе. Да потсетам дека и досегашната, тринаесеттата по ред, влада која ја предводеше Зоран Заев беше изгласана на 30 август 2020 година со, исто така, само 62 пратеника, пишува Јове Кекеновски во анализата „62 е многу помалку од 64“
„Како тоа новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков тврди нема македонско малцинство во Бугарија? Каде отидоа овие луѓе и нивните наследници од овој краток 30 минутен документарен филм снимен пред само 30тина години“, се прашува Никола Груевски од Будимпешта.
Ха, е каде де.
Нема Македонци во Бугарија?
Е, па, нема.
И нормално ќе нема кога силна струја во неговата партија две, три децении во својата ментална матрица, на сметка на националното промакедонство, го негува и го форсира анационалното пробугарство“, пишува Зоран Иванов во БРЗА ПОШТА, „Паднале од Марс“.